Макрон испраќа воени инструктори во Украина: Генералот Сирски ја соопшти веста по барањето за обука на војници

Франција планира да испрати воени инструктори во Украина за обука на војници под команда на Киев.

Ова го соопшти генерал-полковник Олександр Сирски, врховен командант на украинската армија, по средбата преку видео врска што ја имаше вчера со Себастиен Лекорну, францускиот министер за одбрана.

Киев Индипендент наведува дека најавата на Сирски уследила по информациите дека некои земји-членки на НАТО ја разгледуваат можноста да испратат воени инструктори и експерти во Украина за да обучуваат тамошни војници и да помогнат во поправката на воената опрема.

„Њујорк тајмс“ објави дека Киев побарал помош од САД и НАТО за обука на 150.000 војници, што би се извршило поблиску до првите линии на фронтот.

Дебатата за потенцијалното присуство на војници на НАТО во Украина беше иницирана по коментарите на францускиот претседател Емануел Макрон во февруари, кога рече дека ќе ја разгледа таквата можност доколку има барање од Киев.

Во објава на Телеграм, Сирски изјави дека веќе ги потпишал документите.

– Тоа ќе им овозможи на првите француски инструктори наскоро да ги посетат нашите центри за обука и да се запознаат со инфраструктурата и персоналот. Верувам дека решителноста на Франција ќе ги поттикне и другите партнери да се приклучат на овој амбициозен проект – изјави украинскиот генерал.

Лекорну изјави за Ројтерс дека обуката на војниците на украинска територија „е еден од проектите за кои се разговараше по конференцијата за помош за Украина организирана од Макрон во Париз во февруари.

Киев Индипендент потсетува дека естонската премиерка Каја Калас претходно овој месец изјави дека „постојат земји кои веќе обучуваат војници на терен“, без да именува некоја конкретна земја или да даде други детали за наводните операции во Украина.