Макрон го назначи новиот премиер на Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска го назначи поранешниот преговарач за Брегзит Мишел Барние на позицијата премиер, по речиси два месеци застој по парламентарните избори кои не успеаја да создадат јасно мнозинство во парламентот, пишува „Ле Монд“.

На 73-годишна возраст, Барние е најстариот премиер во историјата на модерна Франција и доби задача да формира „обединувачка влада во служба на земјата“, објави претседателството. Поранешниот десничарски министер и еврокомесар беше преговарач на Европската Унија во процесот на Брегзит.

Како што пишува „Ле Монд“, Барние е речиси невидлив во францускиот политички живот откако не успеа да ја добие номинацијата на неговата партија за да го предизвика Макрон за претседател во 2022 година.

Франција е без постојана влада од изборите на 7 јули, на кои левицата ја формираше најголемата фракција во парламентот без мнозинство во кој двете други главни групи се центристите на Макрон и екстремната десница.

Никогаш во историјата на Петтата република – која започна со уставните реформи во 1958 година – Франција не била без постојана влада толку долго, а во меѓувреме таа улога привремено ја извршуваше администрацијата предводена од премиерот Габриел Атал.