Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека би било „грешка“ израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го одбие примирјето предложено за Либан.
„Предлогот што беше направен е солиден предлог“, рече Макрон на прес-конференцијата во Монтреал со канадскиот премиер Џастин Трудо, прецизирајќи дека предлогот е подготвен заедно со самиот Нетанјаху и Соединетите Американски Држави, пренесува АФП.
Нетанјаху претходно и рекол на армијата да продолжи да се бори „со полна сила“ и не одговори на повикот за примирје, соопшти неговиот кабинет во четвртокот, откако медиумите објавија дека дал зелено светло за примирје со Хезболах.
Сепак, канцеларијата на премиерот Нетанјаху издаде соопштение рано во петокот, во кое се вели дека израелските и американските официјални лица се состанале за да разговараат за предложениот прекин на огнот во Либан со посредство на САД и Франција и дека разговорите ќе продолжат во наредните денови.
Прекуграничната размена на оган меѓу Хезболах и израелската армија започна по почетокот на војната во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас.
Судирите се интензивираа по бранот експлозии на комуникациските уреди на Хезболах на почетокот на минатата недела, во кои загинаа 39 лица, а беа ранети 2.931, според либанските власти.
Макрон, исто така, ги повика САД да го зголемат притисокот врз Израел.
Тој нагласи дека Франција се противи Либан да стане нова Газа. Тој го повика Израел да ги запре нападите и Хезболах да престане да возвраќа.