
Македонците трошат струја колку Европејците, граѓаните во Албанија се најштедливи
Според последниот извештај на Државниот завод за статистика во декември 2025 година биле потрошени над 821 илјада мегават-часови електрична енергија, 47 милиони кубици природен гас и безмалку 262 илјади тони јаглен.
Според последниот извештај на Државниот завод за статистика во декември 2025 година биле потрошени над 821 илјада мегават-часови електрична енергија, 47 милиони кубици природен гас и безмалку 262 илјади тони јаглен.
Најголем дел од потрошената струја — 78,4 отсто — била обезбедена преку домашно производство на електрична енергија. Од друга страна, дури 99,6 отсто од потрошениот јаглен бил искористен за производство на струја.
Иако сè уште најголем дел од струјата се произведува во термоцентрали или, пак, комбинирани централи и индустриски енергани, согласно податоците од Државниот завод за статистика, во декември 2025 година производството на струја од обновливи извори (хидроцентрали, соларни панели или ветерници) се зголемило за 16 отсто за само една година (споредено со декември 2024 година). Најголем пораст има кај производството на струја од соларни панели.
Повеќе од половина од произведената струја во декември редовно ја трошат домаќинствата (во декември 2025 година домаќинствата потрошиле 365 илјади 539 мегават-часови). Ако официјалните податоци ги сведеме на ниво по глава на жител, во просек секој Македонец во текот на декември потрошил околу 453 kWh електрична енергија. Но, она што нè издвојува од европскиот просек е високата потрошувачка на јаглен – дури 144 килограми по глава на жител за само еден месец.
Во истиот период, потрошувачката на природен гас се движи во просек од 26 кубни метри по жител, што е прилично скромно. Но, споредено со декември 2024 година, потрошувачката на гас годинава е зголемена за 34,3 отсто (најмногу поради когенеративните постројки).
Ако се земат предвид официјалните податоци од неколку балкански и неколку европски држави, ќе се види дека Македонците во месецот кој се смета за еден од најпотрошувачките во годината, трошат приближно струја колку и нивните сограѓани на Балканот или во Европа.
На Балканот се чини дека најштедливи се Албанците (тие трошат само по 270 киловат-часови месечно, додека Македонците и Србите по 453 kWh, односно 512 kWh). Сепак, тоа се должи на помалиот број индустриски капацитети и специфичната енергетска мрежа. Она по што е лидер Албанија е тоа што според некои податоци, над 90 отсто од струјата ја произведува преку хидроцентрали.
Просечниот Германец троши слично количество струја како Македонецот (~515 наспроти 453 kWh), со тоа што таму потрошениот гас по глава на жител е фрапантен и највисок во Европа (102 кубици гас месечно по жител). Французите се најкомотни во трошењето струја. Во просек, во студениот декември лани потрошиле по 600 kWh по жител. Причината е едноставна: огромниот дел од француските домаќинства се греат на струја произведена од нуклеарни централи. На Балканот ваква комоција поради нуклеарната енергија имаат Бугарите.