Анкета на Центарот за анкетни истражувања на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) за Македонија покажува зголемување на кинеското и руското влијание, недостаток на транспарентност во политичките партии и огромна поддршка за иницијативата „Отворен Балкан“.
Дури 64 отсто од граѓаните на Македонија се согласуваат дека силните односи со Кина им служат на нивните интереси. 60 проценти истото го мислат за Русија. Ова претставува зголемување од 11 проценти за Кина и 6 проценти за Русија во однос на анкетата спроведена во февруари 2020 година.
Новообјавената анкета покажува и силна поддршка за Европската Унија (ЕУ) и САД. Севкупно, 85% се согласуваат дека силните односи со ЕУ најдобро им служат на интересите на Македонија, 76% го делат истото мислење за САД.
Во врска со политичките партии, само 21 отсто од граѓаните на Македонија веруваат дека тие се транспарентни во работењето со парите добиени од државниот буџет.
Дури 75 отсто од возрасните граѓани во земјава ја поддржуваат иницијативата „Отворен Балкан“, серија договори во кои се вклучени Албанија, Македонија и Србија за да помогнат во олеснувањето на трговијата, бизнисот и движењето на граѓаните меѓу земјите.