Македонците казните од грчките АИ-камери ќе ги плаќаат на граница

Грција веќе почна да ги издава првите казни преку новиот систем на АИ-камери, кој во пилот-фаза работи на осум ризични точки во Атика и на десет автобуси што ги контролираат и лентите за јавен превоз.

Грција веќе почна да ги издава првите казни преку новиот систем на АИ-камери, кој во пилот-фаза работи на осум ризични точки во Атика и на десет автобуси што ги контролираат и лентите за јавен превоз.

Според објавените информации, првите 130 казни веќе се испратени дигитално, а камерите автоматски детектираат минување на црвено, брзо возење, движење во жолти ленти, неносење кацига или појас и користење мобилен телефон при возење.

Паралелно со тоа, грчката влада уште во ноември 2025 најави единствена дигитална платформа за сите сообраќајни казни во земјата, поврзана со идното ширење на мрежата од камери. Во истата најава беше кажано и дека системот ќе се врзе со царинските премини, така што возилата со странски таблички нема да можат да ја напуштат Грција ако претходно не ги подмират евентуалните неплатени казни.

Тоа значи дека новиот модел не се однесува само на грчките возачи. Бидејќи мерката е формулирана за возила со странски таблички, во неа влегуваат и автомобилите од Македонија што влегуваат во Грција преку граничните премини. Во пракса, тоа отвора можност казната за брзо возење или за друг прекршок регистриран од камера повеќе да не зависи од тоа дали возачот бил запрен на лице место, туку да биде евидентирана дигитално и проверена при излез од земјата.

Во овој момент, јавно е потврдено дека АИ-камерите веќе генерираат казни и дека Грција го гради системот за нивна единствена дигитална наплата, вклучително и за странски таблички. Најавата за поврзување со граничните премини засега е клучниот сигнал дека и македонските возачи ќе влезат во истиот режим на контрола што веќе почна да важи за домашниот сообраќај во Грција.