Се запознаа членовите на македонската Историска комисија, очекуваат да продолжи дијалогот со бугарските колеги

Новиот состав на македонската Историска комисија предводена од проф. Ванчо Ѓорѓиев деновиве се состанала, дознава Трилинг од
добро упатени извори.

Состанокот бил пред се во насока на запознавање и размена на мислења околу начинот и динамиката на работа, брифираат доброупатени извори додавајќи дека деновиве привршуваат одредeни правни процедури по владината одлуката да назначи нов претседател и нови членови на Комисијата.

„Изборите во Бугарија и политичката нестабилност не треба и не смеат да бидат причина за замрзнување на дијалогот со нашите бугарски колеги. Ако има интерес и волја за дискусија базирана на факти разговорите може да ги продолжиме“ вели за Трилинг член на новиот состав на Комисијата.

Претходниот состав на македонската Комисија, според утврдениот план овие денови требало да се состане со бугарските колеги, но од засега непознати причини до таква средба не дошло.

Кога новиот состав на македонската Историска комисија ќе има средба со бугарските колеги се уште не се знае.

Владата на затворена седница пред една недела го избра новиот состав на Комисијата за историски прашања со Бугарија. За претседател го назначен Ванчо Ѓорѓиев, професор на Факултетот за историја во Скопје.

Ѓорѓиев порано беше член на Комисијата, но ја напушти во 2021 година тврдејќи дека имало политички притисоци во нејзиното работење.

Прашање кое сега се наметнува е дали, и што ќе смени новиот состав на Историската комисија со Бугарија, и дали со смената на речиси сите довчерашни членови и назначување на нови од самиот старт се компромитира работата на новиот состав на историската Комисијата?