Македонските кошаркарки ја пречекуваат Хрватска во последното коло од квалификациите за ЕП 2027

Гостинките важат за големи фаворитки, но „црвено-жолтите“ ветуваат максимално залагање на својот последен меч од евро-квалификациите.

Македонската женска кошаркарска репрезентација вечер од 18 часот во салата „Градски парк“ во Скопје ја пречекува Хрватска во квалификациите за Евробаскет 2027.

Ова ќе биде натпревар од 6.коло во Ф-групата.

Гостинките важат за големи фаворитки, но „црвено-жолтите“ ветуваат максимално залагање на својот последен меч од евро-квалификациите.

По гостувањата во Данска, потоа и Грција, нашиот женски национален тим се врати во Скопје, каде одработи два тренинга пред дуелот со Хрватска.

Селекторот Александар Ашаданов со соочи со ситни проблеми, односно повреди на кои се пожалија Марија Николов и Мерит Хемпе. На средбата со Грција во Солун, Николов доби силен удар во пределот на главата, поради што беше поштедена на последниот тренинг. Но ќе биде на теренот за вечерашниот дуел против фаворизираниот противник. Неизвесен ќе ниде настапот на Хемпе.

За дуелот во „Градски парк“ – влезот ќе биде слободен. Македонките се последни на табелата со една победа и четири порази. Хрватска има 8 бода, исто колку и Данска и Грција.