Македонскиот министер за надворешни работи – Бујар Османи денеска посочи дека во Украина остануваат 30 наши набљудувачи во рамки на специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ.
Некои земји, според него, веќе ги повлекле или ги дислоцирале своите набљудувачи, но нашата позиција е поспецифична бидејќи сме дел од трите земји претседавачи
Сите наши луѓе што се во Украина се мапирани, а на дипломатите во македонската амбасада во Украина им се исплатени и три плати однапред за да може да функционираат во случај на ескалација на ситуацијата. Ова го посочи Бујар Османи на прес-конференција во МНР.
„Ги имаме мапирано сите наши луѓе, семејствата на дипломатите се вратени, дипломатите остануваат таму, обезбедивме услови за функционирање на амбасадата за наредните три месеци. Дадовме однапред плата за наредните три месеци, за кирија, за да ги извадат во кеш бидејќи утре може и банките да не функционираат, па да остане амбасадата без неопходните средства. Според информациите од амбасадата, 12 луѓе веќе ја информирале амбасадата дека се вратиле во државата освен нивните семејства. Меѓутоа, тие претпоставуваат дека може да има и други граѓани бидејќи тие немаат обврска да ја информираат амбасадата дека ќе се вратат, па можеби има и други“ – рече Османи.
Тој уште еднаш повика доколку има наши државјани таму, да ја напуштат земјата, бидејќи ова е можеби и последната шанса со оглед дека секој ден авиокомпании откажуваат летови кон Киев.