Македонските граѓани сметаат дека економијата и корупцијата се најголемите проблеми со кои се соочува државата, покажува последното мултинационално истражување за Западен Балкан од страна на Центарот за анкетни истражувања (CISR) на Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Во проценти, 31% од Македонците ги сметаат високите цени и инфлацијата за најголем проблем, додека на второ место е корупцијата со загриженост кај 22% од граѓаните.
Истражувањето опфаќа повеќе сегменти, меѓу кои и прашањето на кој политичар или јавна личност најмногу му верувате. Процентуално најголема популарност ужива лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со 14%, по што следуваат Али Ахмети, Максим Димитриевски и Стево Пендаровски со по 5%.
Граѓаните биле прашани и во кои институции имаат најголема, а во кои најмала доверба. Според истражувањето на ИРИ, македонските жители (25%) најмногу им веруваат на верските институции и армијата (16%). Најмала доверба имаат во политичките партии, парламентот и судовите.
За односите со другите држави и која земја ја гледаат како најголем сојузник, 34% од Македонците ја гледаат Србија како најблизок пријател, додека по неа се САД со 17 и Турција со 12% поддршка. Како најголема закана, македонските граѓани (23%) ја гледаат Бугарија, додека Русија е на второ место и неа како закана ја гледаат 12% од испитаниците.
Анкетата е спроведена во земјите од Западен Балкан во периодот од 2 февруари до 5 март.