Македонските граѓани веруваат во науката и технологијата, но и во теории за заговор

Новото истражување на Евробарометар открива дека 72 отсто од македонските граѓани веруваат дека вирусите се вештачки создадени во лаборатории за контрола на населението – драстично повисока стапка од просекот на ЕУ. Зачудува што има вакви мислења и покрај зголемената доверба на јавноста во придобивките од науката и технологијата.

Новото истражување на Евробарометар открива дека 72 отсто од македонските граѓани веруваат дека вирусите се вештачки создадени во лаборатории за контрола на населението – драстично повисока стапка од просекот на ЕУ. Зачудува што има вакви мислења и покрај зголемената доверба на јавноста во придобивките од науката и технологијата, пишува Вистиномер во написот кој го пренесуваме во целост.

Повеќе од 8 од 10 граѓани сметаат дека целокупното влијание на науката и технологијата е позитивно. А, две третини од испитаниците (67%) подеднакво се согласуваат дека науката и технологијата ни го прават животот полесен, поздрав и поудобен. Ова се само дел од податоците од најновото издание на истражувањето на Евробарометар за „знаења и ставови на европските граѓани за науката и технологијата“.

Ова истражување се спроведува речиси низ цела Европа и ги проценува знаењата и мислењата на јавноста за науката и технологијата. Податоците се собрани меѓу септември и октомври 2024 година, а над 34 илјади лица од 27 земји-членки на ЕУ беа дел во истражувањето, вклучително и испитаници од Северна Македонија и Балканот, Обединетото Кралство и Турција.

Треба да се напомене дека иако резултатите прикажани на фотографијата се точни, во самото истражување не се вели дека „Владата го крие лекот за рак“, туку дека „лекот за рак постои, но е сокриен од јавноста заради комерцијални интереси“.

Во секој случај, некои од податоците што се однесуваат на знаењето и ставовите на македонските граѓани се загрижувачки. Интересно е што најголема стапка на согласување, односно верување во овој исказ имаат македонските граѓани, споредбено сите други граѓаните од регионот:

Извор: Евробарометар
Oпстојувачкиот мит дека постои лек за рак некако природно доаѓа со оглед на тоа што се потрошени милијарди за негово изнаоѓање, а лекот сè уште го нема. Но, како што пишуваат од Worldwide Cancer Research:

Ракот е назив за група од над 200 различни болести. Видовите на рак значително се разликуваат во нивните причини и начинот на кој тие растат и се шират – самата сложеност на ракот го прави еден лек исклучително малку веројатен.

Можеби нема да најдеме ниту еден лек, но веќе имаме алатки и третмани за да излечиме многу луѓе. Стапката на преживување од рак се удвои во последните 40 години и продолжува да се подобрува.

Слично, на прашањето дали сметаат дека исказот „Вирусите се произведени во владини лаборатории за да се контролира нашата слобода“, е точен или неточен, 72 отсто од граѓаните сметаат дека е точен. Наспроти само 21 отсто коишто сметаат дека не е точен и 7 отсто кои не знаат. Повторно, најголема стапка на согласување имаат нашите сограѓани споредбено со другите балкански земји:

Извор: Евробарометар
Несомнено е дека постојат биолаборатории кои чуваат или прават експерименти со високо ризични вируси и зарази. Таков е и случајот со лабораторијата во Вухан, која до ден денес се споменува како „дефинитивниот“ извор на коронавирусот и ковид-19 пандемијата. Но, постоењето на ваквите лаборатории (кои најчесто се во сопствеништво на државата) и вирусите и зарази со коишто работат не значи дека нечии права се одземени или сме лишани од слобода. Баш напротив, како што посведочивме дури и по официјалното прогласување на пандемијата, некои држави имаа laissez-faire пристап каде што на сметка на јавното здравје многу порано ги отстранија рестрикциите за носење маски и социјално дистанцирање. Со други зборови, им ги вратија „слободите“ на граѓаните под изговор дека ќе се постигне имунитет на крдо, а воедно ризикуваа нови инфекции и подолго да циркулира вирусот.

Од друга страна, поохрабрувачки се следните неколку прашања. На пример, на прашањето „човечките суштества, какви што ги знаеме денес, се развиле од претходните животински видови“ дали мислат дека е точно или неточно, 59 отсто сметаат дека е точно наспроти 37 отсто оние кои мислат дека не е точно.

Извор: Евробарометар
Теоријата на еволуција е една од најуниверзалните и најиспитуваните теории и науката до ден денес ја потврдува како точна.

Слични резултати имаше и на прашањето „Климатските промени во најголем дел се предизвикани од природните циклуси, а не од човечките активности“ каде 52 отсто не се согласуваат, односно сметаат дека климатски промени се предизвикани од човековата активност. Наспроти 45 отсто кои се согласуваат дека промените од климата се дел од природните циклус на планетата.

Извор: Евробарометар
Најчесто цитирани извори на информации или информирање за новитетите од науката и технологијата се споменуваат телевизијата (65 отсто) и интернетот, односно социјалните мрежи и блогови (49 отсто), на пр. веб-страници за хостирање видео како Јутуб.

Можеби најохрабрувачки податок, сепак е тоа дека огромно мнозинство од испитаниците (81 отсто) веруваат дека целокупното влијание на науката и технологијата врз општеството е позитивно.