Македонскиот пазар и деловната клима интересни за германските компании кои сакаат да инвестираат во земјава
Германските компании со континуиран интерес за македонскиот пазар. 80% од анкетираните компании кои ја оценуваат деловната клима во истражувањето кое го спроведува АХК Северна Македонија сакаат да ги прошират инвестициите, како и да го зголемат бројот на работните места во Северна Македонија. Најголемите предизвици со кои се соочуваат во реализирањето на нивните инвестицски планови се зголемените цени на енергијата и недостигот од квалификувана работна сила.
АХК Северна Македонија како дел од германските стопански комори во светот и Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ) веќе 20 години ја спроведуваат анкетата за деловната клима во земјата. Со оваа анкета компаниите членки на Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ) ги оценуваат условите и шансите за инвестирање во Северна Македонија. Од резултатите може да се добие слика како германските инвеститори ја оценуваат атрактивноста на Северна Македонија во однос на условите за инвестирање во споредба со конкуренцијата.
Од анкетата за деловната клима за 2023 година може да се заклучи дека компаниите повторно со позитивни оценки ја оценуваат сопствената деловна состојба, иако оценката која ја доделуваат за општата економска состојба е помалку позитивна. 22 отсто од анкетираните компании својата моментална деловна ситуација ја оценуваат како добра, додека дури 31 отсто од анкетираните компании очекуваат да има подобрување во текот на оваа календарска година, што е 11 отсто повеќе отколку во истражувањето спроведено во 2022 година.
Зголемен е и процентот на оние кои оваа година очекуваат подобрување на деловните резултати во сопствената компанија. Речиси половина од анкетираните компании, односно 47 отсто очекуваат зголемување на продажбата, додека пак 22 отсто очекуваат пад на продажбата. Позитивен тренд има во продажбата наменета за извоз, дури 39 отсто од анкетираните очекуваат зголемување на извозот во 2023 година, во споредба со 2022 година кога биле само 28 отсто.
Со оваа анкета компаниите членки на Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ) ја потврдуваат својата подготвеност за нови инвестиции и отворање на нови работни места. Третина од анкетираните компании сакаат да ги прошират своите инвестиции во Северна Македонија. Тоа е за 10 отсто повеќе во споредба со 2022 година. Овој позитивен тренд се забележува и во однос на новите работни места. Само 11 отсто од анкетираните очекуваат да го намалат бројот на работни места во тековната година.
Позитивните очекувања на анкетираните компании имаат уште поголемо значење кога ќе се погледнат факторите кои предизвикуваат ризик во стопанството. 71 отсто од анкетираните компании сметаат дека зголемувањето на цените на енергијата е еден од најголемите ризици за развојот на нивната компанија.
Во однос на оценките за атрактивноста на Северна Македонија, анкетираните компании се задоволни од квалификацијата и продуктивноста на вработените, како и од квалитетот и достапноста на локалните добавувачи.
Анкетираните компании искажаа незадоволство во однос на борбата со корупцијата, правната сигурност и ефикасноста на јавната администрација.
Уште едно сознание на кое укажува оваа анкета е фактот дека во последните неколку години компаниите се соочуваат со недостаток на квалификувани работници.
Како АХК Северна Македонија, сакаме да дадеме придонес во спроведувањето на дуалното стручно образование по германски терк. Во 2017 година, АХК Северна Македонија, во соработка со Министерството за образование и наука на РСМ и другите одговорни институции, ги започна програмите за обучување на инженери за мехатроника и техничари за машинско производство. Програмата за дуално стручно образование по германски модел се спроведува во соработка со 15 партнерски компании и седум стручни училишта во Кавадаци, Велес, Прилеп, Битола, Охрид, Тетово и Куманово.
Повеќе од 420 ученици во моментов се обучуваат во Северна Македонија според германските стандарди за дуално стручно образование. Оваа година ќе се запишат повеќе од 135 ученици во паралелките за дуално стручно образование по германски модел.
Антје Ванделт, директор на АХК Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ), ја нагласува улогата на Германија како најважен трговски партнер на Северна Македонија и еден од најголемите инвеститори во земјата. Трговската размена помеѓу двете земји во 2022 година забележа раст и изнесува 4,8 милијарди евра.
Германските компании кои работат во Северна Македонија вработуваат повеќе од 20.000 луѓе во земјата. Голем дел од нив веќе ги имаат проширено своите капацитети и најавуваат дополнителни инвестиции. Тоа го поткрепуваат и резултатите од истражувањето, кои покажуваат дека германските компании ги оценуваат како позитивни продуктивноста и мотивираноста на своите вработени, како и квалитетот и достапноста на локалните компании добавувачи.
Ото Граф, заменик германски амбасадор во Северна Македонија, додава дека и покрај предизвиците во стопанството, има позитивни показатели кои укажуваат на задоволството на присутните инвеститори. Ова го поткрепува и фактот што 80 отсто од анкетираните компании повторно би ја избрале Северна Македонија како локација за реализирање на своите инвестиции.
За германските инвеститори, незадоволството од антикорупциските процеси и процедури, недоволната ефикасност на јавната администрација и скептицизмот за правната сигурност го отежнуваат долгорочното планирање на нивните активности. АХК Северна Македонија и Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ) ги поздравуваат сите напори кои ги прави Северна Македонија во однос на реформите кои се насочени кон стопанството, но и на законските реформи за подобрување на деловната клима и привлекување на нови инвестиции.
АХК Северна Македонија и Македонско-Германското стопанско здружение (МГСЗ) се заинтересирани за интензивирање на соработката со локални и странски комори и бизнис асоцијации во Северна Македонија со цел заеднички да иницираат неопходни реформи кои дополнително би ја подобриле деловната клима за одржлив и економски развој во Северна Македонија.