Македонската навигација (МНАВ) да ги следи строгите правила на Еуроконтрол на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка, побара Владата од тројцата директори кои сакаат да го поништат огласот за контролори на летање, на кој од 270 кандидати победија осум најдобри, но деца на обични граѓани, кои не се од партиски списоци.
„МНАВ е институција, која има свои тела за менаџирање и начин на одлучување и сопствен буџет. Според информациите кои ги има Владата, постапката за избор на кандидати за обука на контролори уште е во тек. Согласно меѓународните стандарди, МНАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Еуроконтрол и на Меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка“, му укажа Владата на менаџментот на АД МНАВ, односно на Управниот одбор составен од претседателот Фахрудин Хамиди и директорите Миѓен Селмани и Влатко Крстевски.
До овој момент, од Синдикатот и од Здружението на контролори на летање велат дека директорот и натаму одбива да потпише осумтемина избрани на огласот да го почнат школувањето во Данска.
По реакцијата на Владата, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска во статус на Фејсбук напиша дека членовите на УО и на НО на МНАВ мора да дадат одговор дали го загрозуваат конкурсот на контролори на штета на квалитетните кадри и на штета на безбедноста на сите нас. „Одговорност мора да има“, напиша таа..
„Информациите за евентуално самоволно однесување на членови на УО на МНАВ, спротивно на сите принципи на добро владеење, вклучително и одговорно и совесно вршење на функцијата во заштита на интересите на граѓаните, со право предизвикуваат голем револт во јавноста“, смета Грковска.
Тестот кој во Македонија го спровела данска компанија за обуки во авиосообраќајот е тест креиран од Еуроконтрол и него го полагаат кандидатите за контролори на летање, една од најризично безбедносните професии, од сите земји во Европа. Ние сме членки на Еуроконтрол, чии претставници постојано доаѓаат да мерат до каде сме со стандардите за безбедни авиопрелети над македонското небо.