Македонската кошаркарска репрезентација вечерва ја започнува операцијата Еуробаскет 2025
Македонската кошаркарска репрезентација, денеска во 19 часот, во СРЦ „Кале“, ќе го одигра првиот натпревар во квалификациите за Евробаскетот, што ќе се одржи во 2025 година, а за противник „црвено-жолтите“ ја имаат селекцијата на Естонија.
Предводникот на нашиот национален тим, Александар Јончевски, верува дека нашата селекција може да обезбеди пласман на големиот континентален собир само ако ја совладаме Естонија, која за разлика од Полска и Литванија е далеку полесен противник за нас во рамки на Групата Х.
– Четири екипи од кои само една нема да оди понатаму. Ако направиме математика дека Полска како домаќин сигурно оди понатаму, а дека Литванија децении нема пропуштено Европско првенство, шансата ни преостанува со Естонија. Мора да го искористиме домашниот терен, без разлика на циклусот кој трае цела година. Овој натпревар ќе реши многу работи за понатамошниот настап – истакна Јончевски.
Естонците во Скопје доаѓаат со голем број интернационалци кои настапуваат во најсилните европски кошаркарски првенства, а двајца од нив играат во Евролигата.
-Без разлика што и да се случи нема да биде порелаксирано и понатаму. Ако ме прашате мене каков и да е триумф е задоволителен бидејќи се работи за една репрезентација која е во подем, која има се повеќе интернационалци во својот состав. Можеби оваа година и бројот на овие играчи е најголем, тие имаат девет интернационалци кои настапуваат во силните европски лиги. Тоа е репрезентација која можеби ќе атакува и на многу повисок пласман, отколку само настап на Европско првенство. Како и да е, имаме свои адути, играме на домашен терен и верувам дека атмосферата што ќе биде направена во „Кале“ ќе биде на едно задоволително ниво. Играчите ќе дадат максимум и тоа ќе биде мотив плус и шанса за позитивен исход – додава селекторот Јончевски.
За првпат во составот ќе настапи и кошаркарот на Гран Канарија, натурализираниот центар Итан Хап (27), кој ќе биде замена за плејмејкерот Ти Џеј Шортс.
– Ти Џеј Шортс нема да биде во овој прозорец. Не сме се откажале од него, тој беше еден од најзаслужните за претквалификациите, но затоа што сме дефицитарни на високите позиции без Симиќ и Младеновски, од кои едниот целосно се откажа од кошарка, а другиот три месеци не беше во тренажен процес, бевме принудени да се одлучиме за Хап кој и претходно доби државјанство. Тоа е повеќе стратешка отколку изнудена одлука – заврши Јончевски.