„Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“ во македонскиот КИЦ во Белград

Во рамките на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на современиот македонски јазик, денеска во македонскиот КИЦ во Белград, ќе се реализира проектот „Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“.

Во рамки на Програмата за одбележување на 80-годишнината од кодификацијата на современиот македонски јазик, денеска во македонскиот КИЦ во Белград, ќе се реализира проектот „Македонската книжевност на европското ѕвездено небо“.

Никола Маџиров и Петар Андоновски, македонски писатели кои се и лауреати на врвни европски книжевни награди, ќе разговараат со свои колеги писатели и преведувачи од Србија- со познатата српска поетеса Ана Ристовиќ, исто така лауреат на врвни европски книжевни награди, како и со Милена Илиќ, во моментов најактивен преведувач на дела од македонски на српски јазик.

Македонско-српските дијалози за книжевноста ќе бидат збогатени со читање стихови од стихозбирката „Длан и нетакнуто“ од Никола Маџиров, преведена на српски јазик од Билјана Андоновска и од романот „Страх од варвара“ од Петар Андоновски, во превод на Милена Илиќ.

Авторите ќе читаат на македонски јазик, а на српски јазик нивната книжевност ќе ја интерпретира актерот Александар Стоименовски.

– Се вклучуваме во државното одбележување на Денот на македонскиот јазик преку македонско-српски дијалози на тема како преку јазикот „што е нашата единствена татковина“, ги надминуваме нејзините граници и стануваме неодвоив дел од европските и светските книжевни врвови. Затоа на оваа тема ќе дебатираат македонски и српски добитници на врвни европски книжевни награди и признанија, изјави за МИА, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.