Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина ги додели лиценците на 22 лиценцирани водичи во регионот

Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП), ги додели лиценците за професионални водичи во планина (според стандарди на UIMLA) на кандидати од Косово, Албанија и Црна Гора, кои обуката ја поминаа во периодот од 2020 до 2024 година.

На свеченоста која се одржа во хотелот Дуќаѓини во Печ, беа доделени 22 лиценци од кои, 15 на водичи од Косово, шест на водичи од Албанија и една лиценца на водич од Црна Гора.

Кога станува збор за развој на авантуристичкиот туризам, овој настан беше од исклучително регионално значење, за што говори и присуството на косовската министерка за индустрија, претприемништво и трговија Розета Хајдари.

Една од најголемите заслуги, за остварување на целите регионот да се позиционира како место во Европа, во кое, водичите се обучени според светски стандарди, ја има Костантин Циривири, претседателот на МАИВП, членка на UIMLA. Под негова „палка“, заедно со други македонски инструктори исто така лиценцирани водичи на UIMLA, тие обучија регионален кадар.

На доделувањето на лиценците, Циривири во својот говор истакна дека настанот е од исклучителна важност за развојот на планинскиот и авантуристичкиот туризам во регионот на Западен Балкан од неколку причини. Како прва и основна ја истакна важноста на професионалниот стандард за реалниот туристички сектор, бидејќи иницијативата за оваа обука произлегла од тур-оператори и водичи кои работат на терен и многу добро знаат што подразбира професионалниот стандард за работа.

„Оваа соработка помеѓу Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина и нашите колеги од Косово, Албанија и Црна Гора, кои формално сега се наши сестри и браќа, недвосмислено покажа дека ние како професионалци не препознаваме граници кога станува збор за соработка, солидарност и градење заедничка визија за добрата иднина на регионот.

Преку овој процес на UIMLA, се покажува дека ние сме веќе дел од Европа и развиениот западен свет, со посветеност на почитување на стандардите, кои имаат корист за целата заедница. Оваа соработка е исто така посебна за семејството UIMLA, бидејќи за прв пат, кандидати од три земји беа вклучени во еден процес, кои се надеваме дека наскоро ќе станат полноправни членови на UIMLA,“ изјави Циривири.

Тој ја потенцираше и тежината и обемноста на процесот за стекнување на лиценци, а верувањето во стандардот UIMLA за обука и работа, биле значајна движечка сила.

„Тоа ни помогна нам, тимот на инструктори од МАИВП да го спроведеме процесот ефикасно, со специфичен пристап и со висок успех, што не се должи на „накитени резултати“, туку на многу напорна работа и стручност на тимот на инструктори, како и огромните напори на кандидатите,“ додаде Циривири потенцирајќи ја важноста на поддршката од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), и нивните главни протагонисти Аница Палацо, Екрем Хисеини и Бенџамин Мор со кои започнал процесот во 2020 година.

Од друга страна пак, Swisscontact од Косово ја препознале важноста на овој процес и навреме ги поддржале кандидатите од Косово.

Што доби регионот од оваа обука и какво знаење од државата се „извезе“ надвор од границите?

Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП) е национална организација на професионалните водичи во планина од Македонија која е членка на меѓународната унија на професионални водичи во планина – UIMLA од 2008 година, а од 2018 година е полноправна членка со право за издавање лиценци за професионални водичи во планина (UIMLA – IML International Mountain Leader). IML стандардот претставува меѓународен стандард за професионалните водичи во планина кои се занимаваат со водење клиенти на пешачки планинарски тури, т.е. планинарски тури на „не технички терен“.

Лиценците што ги издава МАИВП – UIMLA КАРНЕТИТЕ, се унифицирани за сите членови на UIMLA и имаат меѓународна валидност, кое што повлекува и обврски за придржување до меѓународните стандарди за обука и лиценцирање на водичите и почитување на нормите за професионално работење со клиенти во планинскиот туризам.

Во Македонија програмата за обука на Интернационални Водичи во Планина ја спроведува Центарот за образование, наука и истражување Планинска Академија Маврово, која што е одобрена од Министерството за образование и наука.

Програмата за обука, се однесува на обуката на водичи во планина според IML (International mountain leader – mountain walking tours) и таа е прилагодена според стандардите на меѓународната унија на професионални водичи во планина UIMLA – Union of International Mountain Leaders Associations.

Косово, кое допрва ќе се позиционира во овој туристички сегмент, го препозна моментот на професионализација на чинителите во авантуристичкиот туризам и оттука државата дава комплетна поддршка. За разлика од кај нас, кои иако сме лидери на Западен Балкан, засегнатите министерства, агенции и институции не мрднаа со мал прст при формирање на МАИВП во 2008 година, со цел да се имплементираат UIMLA стандардите во Македонија.

Имплементацијата на UIMLA стандардот и целиот процес на полноправно членство на МАИВП не е помогнат финансиски ниту од некоја државна институција, ниту од донатори. Процесот е спроведен со сопствени сили на членовите на управувачките тела на МАИВП кои беа активни во периодот од 2014 до 2018 година.

„Заради немање финансиски средства процесот до стекнување полноправно членство траеше 10 години, бидејќи секоја организацијата членка на UIMLA треба да мине низ задолжителните летна и зимска инспекција (кои се прилично строги, посебно кога станува збор за земји од нашиот регион), за кои се потребни средства за покривање на трошоците на проценителите, но и за организирање на целиот процес.

Сето ова МАИВП го направи со сопствени сили – инструкторите најчесто ги донираа своите хонорари од обуката на водичи во земјава за оваа цел, голем дел од членството, посебно Извршниот Одбор работеа волонтерски, а значителен дел од трошоците за оперативното работење беше покриван и помогнат од компании во сопственост на членовите на МАИВП или од алпинистичките и планинарски клубови или организации каде што членуваа професионалните водичи,“ вели Циривири за еМагазин.мк.

Тој додава дека иако немале никаква финансиска помош, од тогаш наваму заради огромниот број опструкции кои се вршени врз организацијата, најчесто од центри на влијание каде што не постои препознавање на разликата помеѓу планинарство како спорт и планинскиот туризам, институционалното препознавање е недоволно или намерно саботирано.

„Ако го земеме во предвид само фактот дека ниту еднаш не сме повикани во ниту една државна институција за консултации и решенија кои можеме да ги понудиме во областа на планинскиот туризам, ниту пак сме членови во советодавните тела на АППТРМ, а Македонија е планинска земја каде што планините се најголемиот туристички потенцијал, повеќе од очигледно е дека нема препознавање на важноста на професијата и капацитетот на МАИВП и тренинг Центарот Планинска Академија. Резултати испорачуваме преку други, главно проектни активности,“ дополнува Циривири.

Преземено од eMagazin.mk.