Македонија 2025: Дигитализацијата клучна за економски развој, борба против корупција, поефикасна државна управа и подобри јавни услуги

Неинформирани и неедуцирани почнавме да градиме пазарна економија. Владата треба да биде мала, ефикасна и да се грижи за основните работи на граѓаните, а ниски даноци и големи расходи за социјални програми не одат заедно, тоа треба да го прифатиме. Социјалната помош се смета за статус, нејзините приматели по домаќинство имаат повисок приход од оној на семејство во кое работат двајца возрасни со минимална плата. Цела плејада работна сила не користиме, а младите се уште повеќе сакаат да се вработуваат во јавната администрација, наместо да почнат свој бизнис. Ова беа само дел од забелешките што денеска ги изнесе извршната директорка на Македонија 2025 Никица Мојсоска Блажески по завршувањето на првите панели од Самитот што се одржува во Скопје.

Неинформирани и неедуцирани почнавме да градиме пазарна економија. Владата треба да биде мала, ефикасна и да се грижи за основните работи на граѓаните, а ниски даноци и големи расходи за социјални програми не одат заедно, тоа треба да го прифатиме. Социјалната помош се смета за статус, нејзините приматели по домаќинство имаат повисок приход од оној на семејство во кое работат двајца возрасни со минимална плата. Цела плејада работна сила не користиме, а младите се уште повеќе сакаат да се вработуваат во јавната администрација, наместо да почнат свој бизнис.

Ова беа само дел од забелешките што денеска ги изнесе извршната директорка на Македонија 2025 Никица Мојсоска Блажески по завршувањето на првите панели од Самитот што се одржува во Скопје.

На прес-конференција, Мојсоска Блажески, членот на Одборот на директори Кати Ицева која е и дел од „Мајкрософт“, како и Васко Кроневски, основач и извршен директор на „Некст сенс“ ја сумираа пораката – дека дигитализацијата е единствениот начин за градење успешна држава и конкурентна економија. Овој процес, рекоа, освен раст и развој, ќе испорача и поефикасна државна управа, подобри јавни услуги, подобро граѓанско општество и уште повисок степен на демократија. Дигитализацијата е воедно и една од главните алатки за борба против корупцијата, а не може и не треба да ја движат само лидерите во технолошките сектори, таа треба да биде дел од сите сфери на живеењето – социјалата, здравството, индустријата, земјоделството, граѓанството,…

-Не сфативме што значи пазарна економија и какво бреме носи, не сфативме дека тоа не значи да имаме големи системи на социјална помош кои ги помагаат оние што не сакаат да работат, системи кои значат непотребно трошење на ресурсите. Јас се залагам за мала Влада, а тоа значи и мали, но ефективни трошоци за социјални, здравствени програми, да видиме каде имаме извлекување од системот – конкретно мислам на гарантираната минимална помош која се доделува на семејства и индивидуи кои се работоспособни, кои имаат законска обврска да работат, но не го прават тоа, па доаѓаме во ситуација во која има 35 000 семејства што користат гарантиран минимален приход со 90 000 возрасни работоспособни членови кои не прифаќаат работа зашто во тој случај би ја изгубиле социјалната парична помош. Цела плејада работна сила која не ја користиме. Истото го мислам и за желбата на младите да се вработуваат во јавната администрација, наместо да сакаат да почнат свој бизнис. Ниски даноци и големи расходи за социјални програми не одат заедно и тоа треба да го прифатиме или сите заедно да речеме – „добро, сакаме да плаќаме и не ни сметаат повисоки даноци, сакаме да уживаме многу повеќе благодети“, нагласи извршната директорка на Македонија 2025.

Таа предупреди и дека државата треба да биде многу внимателна во однос на инфраструктурните проекти кои се многу скапи и создаваат иден долг.

-Постојат разговори меѓу Владата и приватниот сектор за тоа што е приоритетно за бизнисот. Оптимална инфраструктура ќе им овозможи на компаниите повеќе да извезуваат и да бидат меѓународно поконкурентни. Ако се следат нивните барања, ефектите ќе бидат големи и позитивни и ќе имаме пари да го вратиме долгот, потенцира Мојсоска Блажески.

Ицева напомена дека Македонија мора да ги трансформира јавните услуги, да вложува во технолошките таленти и да ги подготви компаниите за современиот дигитален еко-систем. Дигитализацијата и вештачката интелигенција, дополни, не се веќе само трендови, туку навлегуваат во сите сфери и се темел за конкурентност.

-Вештачката интелигенција станува суштински дел од сите индустрии, дури и во традиционалните како производство и енергетика, а се поприсутна е и кај старт-апите и останатите компании. Дигитализацијата на јавните услуги не само што може да ја зголеми ефикасноста, туку може и да го подобри квалитетот, а тоа е и една од главните алатки за борба против корупцијата. Но, за ова да се случи и примената на вештачката интелигенција да биде одржлива, многу се битни регулаторните рамки, а потребни се и јасни политики, транспарентност и одговорност, посебно во секторите кои работат со чувствителни податоци и кои се од јавен интерес, рече Ицева.

Напомена и дека дигиталната трансформација бара лидерство.

-Дигитализацијата е многу важна за да се справиме со најголемиот општествен и економски проблем – корупцијата. Преку подобрување на дигитализацијата и примена на технологии во бизнисите компаниите ќе станат конкурентни и продуктивни. Но, дигитализацијата не е само технологија и улогата на визионерски лидери е многу битна во реализација на оваа трансформација, нагласи Ицева.

И Кроневски подвлече дека дигитализацијата и примената на технологиите се клучни за раст и конкурентна економија.

-Не можеме да постигнеме економски раст, граѓанско општество, демократија, борба против корупција ако не примениме технологија. Затоа треба да вложуваме во таленти со чија помош ќе ја спроведеме дигиталната трансформација. Моментно имаме огромен број таленти кои работат во аутсорсинг индустријата, им ги позјамуваме на нашите конкурентни економии и тие напредуваат побрзо од нас. Треба да се завртиме кон талентите дома и да ги анагжираме, да ги употребиме за зголемување на конкурентноста на државата преку иновативни политики кои ќе генерираат иноваци, домашни производи и наместо да станеме економија зависна од увоз на технологии, да станеме економија извозно ориентирана кон технологии. Да, извезуваме многу ИТ услуги, но и увезуваме многу ИТ технологии, рече Кроневски.

На првиот панел на Самитот се обрати премиерот Христијан Мицкоски.

Самитот Македонија 2025 ќе трае пет дена и досега е најголем, со преку 36 говорници и над 700 гости. Предвидува многу настани, обуки, работилници,…, а ќе заврши со панели за тоа како дијаспората може да помогне во развојот на Македонија.

Македонија 2025 паралелно со одржувањето на Самитот, одбележува и 18 години од основањето.