Македонија одлучи да дозволи слетување на авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во Скопје, што ќе му овозможи на Лавров да учествува на меѓународен настан, јавува руската државна новинска агенција ТАСС.
Според соопштението, рокот ќе важи од 29 ноември до 1 декември, кога Македонија ќе биде домаќин на состанокот на министрите за надворешни работи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во Скопје.
Македонската влада направи соодветно дополнување на резолуцијата со која се воведе забрана за летови на руски авиони, во која се наведува дека овој чекор е во согласност со прописите на Европската унија. Министерскиот состанок на ОБСЕ ќе се одржи во Скопје од 30 ноември до 1 декември.
Министрите за надворешни работи на ОБСЕ се очекува да го изберат претседавачот. Шефот на македонската дипломатија Бујар Османи на 14 ноември изјави дека прашањето за присуството на Лавров на средбата се уште не е решено. По тој повод потсети дека првиот руски дипломат е под санкции на ЕУ.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Груско претходно изјави дека Москва се подготвува за средбата и инсистираше на тоа дека министерскиот состанок може да биде успешен само ако се обезбеди еднаквост на сите делегации.
Во ноември минатата година, Полска, тогашна земја претседавач со ОБСЕ, и ја ускрати можноста на руската делегација предводена од Лавров да учествува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Лоѓ.
Руското Министерство за надворешни работи силно ги критикуваше активностите на Варшава како потег без преседан, провокативен и неконзистентен со статусот на Полска како земја претседавач. Руската делегација ја предводеше постојаниот претставник во ОБСЕ, Александар Лукашевиќ.