Македонија ќе купува гас од Србија во замена за струја
Северна Македонија ќе купува природен гас од Србија за да произведе струја. „Постои оптимизам кај двете страни дека ќе завршат разговорите и ќе функционира договорот, со што ќе се обезбедат потребните количини гас за работа на ТЕ-ТО и на топланите“, вели Виктор Андонов, советник за енергетика во Кабинетот на премиерот. Тој на прес-конференција во Владата порача дека во домовите во Скопје ќе има парно на 15 октомври.
Пред десет дена претседателот Александар Вучиќ објави дека се разговара за испорака на гас во Северна Македонија во замена за електрична енергија. Државата, според Андонов, ќе купи гас од Србија, а потоа ќе се произведе електрична енергија и ќе се продаде на Србија. „Ние ќе ја платиме количината на гас, а тие количината на струја. Количината струја што ќе остане ќе биде продадена на индустријата по цени кои ќе бидат прифатливи за нив, во зависност од цената на гасот. Топлината ќе се продаде на граѓаните“, информираше владиниот советник.
Со оглед на тоа дека електраните може да работат и на мазут, доколку не се договори опцијата за гас и не се обезбедат доволно средства за набавка на природен гас по берзански цени, постои и резервна варијанта. Според Андонов, ако не се постигне договор, топланите сепак ќе работат на мазут, а количините ќе се обезбедат од Грција. Но, надлежните се надеваат дека земјата сепак не ќе мора да се сврти кон мазутот, којшто е штетен за животната средина.
Тоа го потврди и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини кој вели дека има големи дебати во Владата во однос на обезбедувањето енергенси за грејната сезона, поради што тие како министерство бараат тие фосилни горива што ќе се увезат и ќе се употребуваат да бидат според законските стандарди
Министерот за економија, Крешник Бектеши, во Турција изминатиот период разговараше за обезбедување дополнителни количини електрична енергија и природен гас, во Грција за постојано снабдување со лигнит и мазут, а во Бугарија за поевтина цена на струјата под берзанската, за потребните количини за индустријата.