
Македонија ќе добие половина од парите од ЕУ за реформите до декември лани
Од предвидените 17 милиони евра од ЕУ од Планот на раст за земјите од Западен Балкан, според направените реформи до декември лани, Македонија во наредниот период ќе може да смета на половина од износот, или 8,5 милиони евра, покажуваат прелиминарните сознанија на Министерството за европски прашања. Ваквиот епилог се должи на фактот дека од предвидените пет чекори, успешно се завршени само два, односно целосно се завршени 40 отсто од реформите за кои земјата презеде обврска дека ќе ги спроведе во динамика предвидена во Реформската агенда.
Од предвидените 17 милиони евра од ЕУ од Планот на раст за земјите од Западен Балкан, според направените реформи до декември лани, Македонија во наредниот период ќе може да смета на половина од износот, или 8,5 милиони евра, покажуваат прелиминарните сознанија на Министерството за европски прашања. Ваквиот епилог се должи на фактот дека од предвидените пет чекори, успешно се завршени само два, односно целосно се завршени 40 отсто од реформите за кои земјата презеде обврска дека ќе ги спроведе во динамика предвидена во Реформската агенда.
Ова денеска на брифинг со новинарите го сподели министерот за европски прашања Орхан Муртезани кој информираше и за барањето за ослободување на средства, кое што вчера поминало на седница на Влада, за реформите преземени заклучно со јуни годинава, до кога биле реализирани девет од предвидените 16 чекори, а барањето е да се ослободат 38 милиони евра. Но, дали тоа ќе се случи ќе се знае за 90 дена, колку што Европската комисија има време да одговори на дописот од Владата кој бил испратен вчера, или во меѓувреме ќе побара дополнителни објаснувања.
Муртезани потенцира дека станува збор за прелиминарни сознанија кои што не се дефинитивни бидејќи извештајот треба да стигне од Европската комисија за потоа да може да се сподели јавно.
Во однос на реформите кои што се целосно и успешно спроведени во изминатиот период, тој ги спомена Законот за една внатрешна финансиска контрола под надлежност на Министерството за финансии и Законот за трговски друштва во надлежност на Министерството за економија.
Муртезани се осврна и на следните три чекори, а кои што се однесуваат на транзиција на министерството за енергетика, при што меѓу другото посочи дека иако ЕК смета дека работните групи се формирани на задоволително ниво, сепак не биле доволно оперативни, а има и други забелешки во однос на квалитетот на патоказот и временската рамка која смета дека не е јасна. Тој вели дека ќе се обидат во периодот што следува, во координација со институциите и Комисијата, да се надминат овие слабости.
Во однос на Фундаментални вредности, односно Министерството за правда за слободните позиции за судии и обвинители, за што од МЕП сметаат дека е делумно исполнет условот, ЕК смета дека не е запазен принципот за пополнување на испразнетите места.
Што се однесува до 17 подзаконски акти од Министерството за финансии, ЕК смета дека квантитативно условот е исполнет, меѓутоа квалитативно има одредени забелешки за два или три подзаконски акти, односно за еден се смета дека е донесен по утврдениот рок, а за друг дека не ги содржи сите елементи односно не ја идентификува втората линија на буџетски корисници.
„Врз основа на тоа што Комисијата смета дека е успешно имплементирано ќе може да се повлечат 50 отсто од вкупните средства, односно од 17 милиони евра ќесе повлечат 8,5 милиони евра од кои 3,9 милиони евра се заем за буџетска поддршка, другите 2,12 милиони евра се заем преку инвестициската рамка за Западен Балкан, а 2,45 милиони евра се грант“, објасни Муртезани.
За три чекори кои не биле завршени до декември лани, стапува во сила грејс период од 24 месеци, додека за сите останати чекори, грејс периодот е 12 месеци.
Во однос на другиот термин, јуни 2025, Владата имаше обврска да реализира 16 чекори со вкупна вредност од 70 милиони евра во четири приоритетни области биле реализирани девет.
„Согласно се ова што до сега го рековме вчера на Влада имавме барање за ослободување на 38 милиони евра кои што ако ЕК утврди дека од 16 се исполнети девет чекори ќе значи дека ќе може да ги добиеме овие средства, од кои 17 милиони евра се дел од заем, а 20 милиони евра се грант преку Инвестициската рамка за Западен Балкан“, вели Муртезани.
За деловите кои што не се реализирани или се делумно реализирани, ќе стапи грејс период од 12 месеци. Од моментот кога ќе ги добие сите документи, ЕК има рок од 90 дена кога треба да одговори, или во меѓувреме да побара дополнителни информации.
На прашањето дали е задоволен од реализацијата, Муртезани вели дека имајќи во предвид дека кај Црна Гора и кај Албанија кои имаат отворено преговори и работат со многу поголем ентузијазам, реализацијата е некаде околу 80, а ние сме 76 смета дека тоа е задоволително. Но, укажува дека капацитетите во министерствата се најголемиот предизвик со кој што се соочуваат на дневна основа.
Како потенцијална опасност за спроведување на реформите може да бидат локалните избори, но како што вели, било договорено на Влада да се направи координација во однос на реализацијата на сите 29 чекори за наредниот период вредни 130 милиони евра за да се овозможи и во време на изборна кампања да се реализираат сите точки.
Согласно клишето за Министерството за енергетика, од МЕП сметаат дека транспонирањето на пакетот за интеграција на електричната енергија односно новиот закон за енергетика е целосно исполнет, а вториот чекор, постепено намалување на јавната интервенција во производството на електричната енергија, не е исполнет.
Еден од најголемите предизвици се чини дека е обврската Македонија постепено да ја намалува јавната интервенција во одредувањето на цените за снабдување со електрична енергија во согласност со член 5 од Директивата 2019/944 за заеднички правила за внатрешниот пазар на електрична енергија. Во овој дел и до сега не се исполнети преземените обврски, најмногу поради стравот како ова ќе влијае врз цената на струјата не само за граѓаните, туку и за фирмите, односно дека би можело да предизвика штета врз стопанството. Само овој чекор изнесува 8 милиони евра.
Третиот чекор, донесувањето годишен план за реновирање на зградите на централната влада, е делумно исполнет.
Во однос на дигитализацијата, сите четири закони, за кибер безбедност, за електронски комуникации, за дигитален идентитет на ЕУ и за активирање на електронски документи според клишеата се целосно исполнети.
Слично е и кај чекорите кај деловната средина, за зголемување на бројот на инспекциски наоди на трудовиот инспекторат за 20 отсто и на пазарниот инспекторат за 15 проценти, кои се исполнети.
Муртезани детално елаборираше и за другите чекори во Министерството за економија, како мапирање на 377 давачки и оптимизирање на 28 такви давачки, што е делумно исполнето, потоа за можност малите и средни претпријатија при земање кредити како гаранција да може да приложат и нематеријални средства (колатерала), за што има различни интерпретации од страна на Министерството за финансии, дали е неопходно менување на законот или не, потоа за регистар на трговски друштва на претпријатија во државна сопственост, што е исполнето, донесување на план за реструктуирање на операторот на железницата во државна сопственост, МЖ инфраструктура и МЖ транспорт, за што од ЕК имале одредени забелешки, но согласно клиешата, нашата страна смета дека чекорот е целосно исполнет. Во областа на владеење на правото сите четири чекори, односно изборниот законик, измените на законите со кои се регулира работата на судовите и обвинителите, Законот за судски совет, пополнување на слободни работни места во Агенцијата за управување со одземен имот се смета дека се делумно исполнети.
Од министерството посочуваат дека средбите со новинарите за спроведувањето на Реформската агенда 2024 – 2027 година, како дел од редовната, навремена и транспарентна комуникација со медиумите и со јавноста, се важен елемент во унапредувањето на европскиот реформски процес.
Муртезани, инаку, утре во Брисел ќе учествува на Форум на високо ниво за проширувањето на ЕУ, насловен „Градење инклузивна иднина во проширена ЕУ: Улогата на социјалниот дијалог, граѓанското општество и вклученоста на младите“.
На форумот, кој е во организација на Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК), Муртезани ќе учествува на воведната сесија на собирот, заедно со претседателот на ЕЕСК, Оливер Ропке, црногорската министерка за европски прашања Мајда Горчевиќ и шпанскиот државен секретар за Европска Унија, Фернандо Сампедро.
Форумот има за цел да ја истакне важноста на социјалниот дијалог и ангажманот на граѓанските организации и младите во процесот на проширување на Европската Унија, како основа за градење поправедно и посолидарно европско општество.