Македонија ќе добие механизам за скрининг на странските инвестиции

-Нашата цел е да воспоставиме механизам кој истовремено ќе ги штити националните интереси, ќе биде усогласен со правилата и очекувањата на ЕУ, а притоа ќе осигури дека Северна Македонија останува отворена за стабилни и продуктивни странски инвестиции, порача Муртезани.

Mинистерот за европски прашања, Орхан Муртезан учествуваше на дводневната работилница на тема „Клучни аспекти во развојот на нов механизам за скрининг на странски директни инвестиции во Северна Македонија“, што денеска и утре се одржува во Скопје со поддршка на Министерството за трговија на САД,а со експерти од Чешка и Романија.

-Оваа работилница се случува во вистински момент. Во моментов сме во процес на изготвување на национален механизам за скрининг на странски директни инвестиции, клучен политички и правен потфат за нашата земја. По неодамнешната одлука на Владата за обновување на мандатот, горд сум што го предводам овој процес во својство на министер за европски прашања. Повторно ја активиравме меѓуинституционалната работна група, а неколку од нејзините членови се присутни денес. Во рамките на таа група, помал тим за изготвување веќе започна со активно работење на првичната верзија на законот, рече Муртезани и додаде дека искуството на Чешка и Романија како земји-членки на ЕУ со веќе воспоставени функционални механизми за скрининг ќе ни помогне во дефинирањето на насоката.

Ова, додаде, не е само правна, туку и стратешка реформа за заштита на националните интереси и инвестицискиот потенцијал на земјата.

-Нашата цел е да воспоставиме механизам кој истовремено ќе ги штити националните интереси, ќе биде усогласен со правилата и очекувањата на ЕУ, а притоа ќе осигури дека Северна Македонија останува отворена за стабилни и продуктивни странски инвестиции, порача Муртезани.

Овие активности, како што кажа, се исто така тесно поврзани со нашиот процес на пристапување во ЕУ.

-Европската комисија, во својот последен Извештај за скрининг за Кластер 6 – Надворешни односи, јасно го наведува скринингот на СДИ како неопходна обврска. Пораката од Брисел е недвосмислена: сите земји кандидатки треба да развијат ефикасни системи за идентификување и ублажување на ризиците поврзани со чувствителни или стратешки странски инвестиции, особено во области како што се критичната инфраструктура, напредните технологии и податоци. Во тој контекст, сакам да ја истакнам важноста на Заедничките минимални стандарди развиени за Западен Балкан преку Берлинскиот процес. Иако нашиот механизам ќе биде прилагоден на националниот контекст, целосно ја уважуваме вредноста на регионалната кохерентност и ги земаме предвид овие стандарди во натамошниот развој на процесот, посочи Муртезани.