
Македонската ракометна репрезентација претрпе убедлив пораз и во вториот натпревар на Светското првенство. Холандија денес беше подобра од нашата репрезентација и славеше победа со десет разлика од 24:34.
Се обидовме, но очигледно беше дека не можеме да ја следиме таа брза игра на Холанѓаните со многу трчање. Одбраната и денес не беше на нивото, па во таква ситуација и не можевме да се надеваме на позитивен исход.
Нашите најдобри моменти беа почетните кога на трипати имавме водство од 1:0, 2:1 и 3:2. Во продолжение од натпреварот ниту еднаш не стигнавме ниту до изедначување. Немавме решение за холандската одбрана и одличниот Равенсберг, додека Смитс и Стеинс беа незапирливи за нас. Со неколку кратки серии од кои најдолгата беше 4:0 (на двапати) Холандија дојде до високи 11:18 на полувремето.
Се обидовме нешто на почетокот на вториот дел, но само дојдовме до минус четири (17:21) повеќе не можевме. Следуваше едно исклучување на Филип Талески по кое предноста на Холандија повторно почна да расте за конечни на крајот 24:34.
Последниот натпревар од оваа прва фаза го играме во вторник против Аргентина исто така од 18:00 часот.
Иако имаме два порази се уште се надеваме и имаме шанса за пласман во следната фаза, но ако тоа се случи, ќе биде без да пренесеме бодови.