Македонија го прекина постот, конечно победивме, прв триумф по октомври минатата година кога исто така славевме над Ерменија.
Избраниците на селекторот Милевски денеска се прикажаа во многу подобро издание од претходно и заслужено дојдоа до триумф, а тој можеше да биде и поубедлив доколку искористевме дел од шансите во првото полувреме.
Првите 45 минути поминаа пред голот на голманот Огнен Чанчаревиќ. Македонија создаде повеќе шанси, но не го најде патот кон неговиот гол. Најсериозната можност ја имаше Елмас во 21. минута кога странично излезе сам пред голот на Ерменија, но Чанчаревиќ беше поуспешен од него. Во првиот дел од мечот се заканија и Бабунски, Барди, Зајков, но гол немаше.
За маките да бидат поголеми, Зајков во самиот финиш од првото полувреме заработи втор жолт картон поради приговор и Македонија остана да го доигра мечот со фудбалер помалку.
Но и покрај тоа што имавме човек помалку на теренот продолживме да го загрозуваме голот на противникот.
Во 70. минута Барди постигна спектакуларен гол од слободен удар за водство на Македонија од 1-0.
Девет минути подоцна гол даде и Миовски по една соло акција во шеснаесетникот на противникот, поведовме со 2-0 и веќе беше јасно кој ќе го добие натпреварот.
Во финишот од мечот Ерменија ја имаше најдобрата своја шанса кога по една несигурна интервенција на Димитриевски топката ја погоди пречката и стативата.
На крајот Македонија се радува на заслужена победа за привремен мир во репрезентацијата која беше мета на многу критики во изминатиот период.