Македонија со најслаб раст на БДП во Западен Балкан
Македонија годинава ќе испорача најслаб економски раст во однос на државите од Западен Балкан. Во најновиот извештај на Светска Банка за државите од регионот се потенцира дека годинава земјава ќе испорача зголемување на БДП од само 2,1 отсто. Црна Гора ќе биде лидер со речиси 7 отсто раст, а економските движења се солидни и во Босна и Херцеговина. Србија, Албанија и Косово ќе испорачаат раст од над 3 отсто. Државите кои се увозно зависни од енергенси полошо поминуваат во оваа криза и потешко ќе закрепнат.
„Фискалното влијанието од енергетскиот шок е значителен, а тоа е посебно случај за земјите од регионот коишто увезуваат енергенси, Србија, Северна Македонија и Косово. Економските активности забавија особено во еврозоната којашто е клучна извоз за стоките и побарувачката во Западен Балкан“, вели Ксијаокинг Ју – директор на Светска банка за Западен Балкан.
Од Светска банка очекуваат дека инфлацијата во периодот што следи ќе се намалува. Она што е охрабрувачки е дека економистите од оваа меѓународна финансиска институција не очекуваат дека Македонија ќе влезе во рецесија. Во однос на владините мерки за граѓаните и компаниите, од банката велат дека тие се највисоки во регионот, но за нивно целосно спроведување ќе биде потребна и политичка волја во Парламентот.
Сегашното функционирање на Парламентот може да е пречка за побрзо да се движат реформите. Очекуваме Владата да се фокусира на олеснување на влијанието од кризата за најранливите домаќинства и фирми“, рече Сања Маџаревиќ – Сујстер, виш економист на Светска банка.
Првичната проценка за земјите од Западен Балкан беше дека годинава ќе испорачаат раст на БДП од 4 отсто. Но, енергетската криза, поскапувањата и непредвидливоста со војната во Украина направија негативни ефекти во економиите на државите. Сега збирната проекција на економски раст за овие земји изнесува 3,4 отсто, а тоа претставува двојно помалку од 2021 година.