Македонија се задолжи со уште една милијарда евра

Задолжувањето е во две транши по 500 милиони - првата на четири години, а втората на осум. Годишно само за камати ќе се исплаќаат 43 милиони евра.

Вчера на 13 јануари Македонија на меѓународниот пазар на капитал ја издаде својата десетта еврообврзница. Таа е поделена во две транши од по 500 милиони евра – една со рок од 4 години и една со рок од 8 години. За четиригодишната каматата е 3,875%, а за осумгодишната 4,750%. Според Министерството за финансии интересот на инвеститорите претставувал „силна доверба“ во економските политики и стабилноста.

Официјалното објаснување е дека со средствата планирани во Буџетот за 2026, ќе се исплати еврообврзницата издадена во 2020 година во износ од 700 милиони евра и ќе се обезбедат пари за буџетскиот дефицит „насочен кон развојни проекти“. Во нацрт-Буџетот за 2026, дефицитот е проектиран на 39,2 милијарди денари, односно 3,5% од БДП, додека капиталните инвестиции се планирани на 40,5 милијарди денари.

„Но ‘довербата’ на инвеститорите речиси никогаш не е емоција – таа е цена. Ако државата плаќа 4,750% за 8 години, тоа значи дека пазарот бара премија за ризик, без оглед на тоа колку е полна книгата на нарачки. Министерството посочи дека побарувачката стигнала до неколку милијарди евра и дека учествувале над 150 инвеститори, но голема побарувачка не значи автоматски евтини пари – значи дека има доволно купувачи за каматата што ја нудиш“, пишува порталот „Рацин“.

Словенија пред десетина дена издаде еврообврзница на 10 години во вредност од 1,75 милијарди евра, но иако рочноста е пдолга отколку на македонското позајмување, каматата е пониска. Купонот на словенечката евробврзниза на 10 години е 3,275%. Помалата камата за подолго задолжување е одраз на силината на економијата.

„Клучното прашање, затоа, не е дали ‘ни веруваат тие што ни даваат пари’, туку што точно купуваат со тие пари – и колку ќе чини тоа на крај. Двете транши од по 500 милиони евра, со објавените камати, грубо значат околу 43 милиони евра годишни каматни плаќања, без да се сметаат трошоци за издавање и провизии. Државата рефинансира 700 милиони евра стар долг од 2020, но издава 1 милијарда евра нов – разликата не е „магична доверба“, туку дополнителен простор за финансирање на дефицитот и тековната ликвидност, што подоцна ќе се враќа со буџетски приходи.

Осумгодишната транша е важен сигнал дека земјата успеала да обезбеди подолг рок, но тоа не е бесплатно достигнување – тоа е договор меѓу државата и пазарот: подолг рок, повисока цена, па потоа – политичка обврска да се покаже дека дефицитот навистина паѓа, а капиталните инвестиции не се само ставка на хартија“, пишува „Рацин“.