Македонија сезонава со тројца претставници во групната фаза од фудбалската Лига на шампиони

Со одигрување на синоќешните три реванши од плејофот, познати се сите екипи кои ќе играат во групите во Лигата на шампионите на УЕФА.

Последни место во елитата изборија Динамо Загреб за кого настапуваат македонските репрезентативци Стефан Ристовски и Аријан Адеми, Ренџерс и Копенхаген.

Македонија сезонава ќе има тројца претставници во групната фаза од елитното натпреварување. Освен Адеми и Ристовски, со својот Наполи дел од ова натпреварување ќе биде и Елиф Елмас.

Енис Барди немаше среќа да биде четвртиот претставник од земјава затоа што неговиот Трабзонспор не успеа да го елиминира тимот на Копенхаген. Одигра домашно реми 0-0 со данскиот тим, а во Копенхаген беше поразен со 2-1.

Ждрепката за групната фаза ќе се одржи денес (18 часот) во Истанбул.

Триесет и двете екипи се поделени четири шешири. Ќе бидат формирани осум групи.

Прв шешир: Реал Мадрид, Ајнтрахт Франкфурт, Манчестер Сити, Милан, Баерн Минхен, ПСЖ, Порто и Ајакс.

Втор шешир: Ливерпул, Челзи, Барселона, Јувентус, Атлетико, Севилја, Лајпциг и Тотенхем.

Трет шешир: Борусија Дортмунд, Салцбург, Шахтјор, Интер, Наполи, Бенфика, Спортинг и Баер Леверкузен.

Четврти шешир: Марсеј, Клуб Бриж, Селтик, Викторија Плзењ, Макаби Хаифа, Динамо Загреб, Ренџерс и Копенхаген.

Екипите од иста земја не можат да бидат во иста група.