Македонија продолжува да се задолжува во странство, овој пат по скратена постапка

По скратена постапка Македонија ќе се задолжи во странство за нови 633,8 милиони евра. Два дена по влегувањето на предложената буџетска конструкција во Собранието, пристигнале и пет законски текстови подготвени од Министерството за финансии, со предлози за задолжувања, кои се во функција на државната каса, а ќе се отплаќаат во наредните триесеттина години. Со однапред познати проценти за провизии, додека каматните стапки ќе се утврдуваат на „лице место“, кога ќе се доставуваат барањата за користење извесни суми од добиените позајмици, пренесува Пари.

Од кредиторите се бараат поединечни износи од 90 до 175 милиони евра. Два од кредитите се за завршување на таканаречената „традиционално предизборна“ пруга кон источниот сосед, а другите се за резерви, директна поддршка на Буџетот, за интервенција на девизниот пазар, за поквалитетни јавни услуги, попродуктивни работни места во приватниот сектор, за климатски промени. Сето тоа парламентарците треба да го заверат во скратена постапка.

За сите овие планирани задолжувања под „поволни“ услови јавноста беше информирана по секој постигнат договор, затоа што одобрувањето кредит или заем кај нас со децении се прикажува како државен успех. Сега само треба да се завршат формалностите.

Од Кредитната банка за обнова (КфВ) Македонија ќе позајми 90 милиони евра, износ што ќе го повлече во една транша. Рокот за отплата е 12 години и пет месеци, со вклучен грејс период од три години. Каматната стапка засега не е позната, односно ќе се утврдува „за траншата од заемот при нејзино повлекување“. Тогаш ќе се пресмета пондерирана просечна каматна стапка, која ќе се применува на повлечениот износ.

За ова „Република Северна Македонија ќе и плати на Кредитната банка за обнова – КфВ еднократна провизија во висина од 0,5% од износот на заемот“. Или, 450 илјади евра.

Доколку, пак, не ги искористи парите, ќе плати пенали – 0,25 отсто од неповлечениот износ.

„Целта на обезбедувањето на заемот од КфВ е да и помогне на земјата да има одржлива надворешна финансиска состојба, истовремено поттикнувајќи ги економските прилагодувања и структурните реформи“, се наведува во образложението на предлогот. А како „основно начело“ на законскиот предлог се посочува „обезбедување на финансиски средства за да се овозможи на Владата на Република Северна Македонија да ги користи средствата за резерви или како директна поддршка за Буџетот“.

Два од предложените закони се за доизградба на пругата кон Бугарија. По 175 милиони евра од Европската инвестициона банка (ЕИБ) и од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Целиот текст може да го пренесете ТУКА.