![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2023/10/korupcija.jpg)
Нова влада веќе осум месеци, голема вербална војна против корупцијата, а резултатите на Македонија на Индексот за корупција на „Транспаренси интеренешенал“ се полоши од оние за претходната година. Во Индексот за корупција објавен денеска, а се однесува на 2024 година, Македонија има пад од дури 12 места. На глобалната скала Македонија има 40 поени и се наоѓа на 88 место. Бидејќи Индексот за корупција се базира врз перцепција, тоа значи дека граѓаните мислат оти борбата против корупцијата што ја води новата влада е полоша од онаа на претходните, или дава полоши резултати.
Тоа е за два поена помалку од рангирањето на 2023 година, но нѐ носи 12 места подолу. Во 2023 нашата држава беше на 76 место. Тоа е прво назадување на Македонија од 2019 година, бидејќи оттогаш нашата држава одеше само нагоре во справувањето со корупцијата.
![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/makedonija-korupcija-grafikon.jpg)
Од соседите, Албанија и Косово ја претекнаа Македонија во борбата против корупцијата. И тоа со големи чекори. Албанија оди брзо нагоре на скалата за борбата против корупцијата. Во Индексот за 2023 беше на 98 место, а сега е на 80 место со 42 поени. Тоа значи дека во Индексот за 2023 Албанија беше дури 22 места зад Македонија, а сега е осум места пред неа.
Косово е уште погоре, има 44 поени и се наоѓа на 73. место, десет позиции погоре. Во 2023 и Косово беше зад Македонија седум места. Црна Гора е најнапред од сите земји на Западен Балкан – 65 место во 46 поени.
Србија е е многу долу – се наоѓа на 105 место со 35 поени, една позиција подолу од лани, а Босна и Херцеговина е уште подолу, на 114 место со 33 поени. Лани беше на 108 место.