„За неколку дена ќе има предлог за амбасадор на Македонија во Бугарија“. Ова во интервју за БТВ го изјавува македонскиот министер за надворешни работи – Бујар Османи. Тој вели дека жали што целиот овој период земјава нема официјален претставник во Софија.
„Навистина беше пропуст што сите овие години немавме амбасадор таму. Немаме утврдено име се уште, иако наредните денови ќе имаме предлог“ вели Османи.
Македонија нема амбасадор во Софија од април 2020 година, а последен кој ја извршуваше таа функција беше Марјан Ѓорчев, поранешниот градоначалник на скопска Кисела Вода.
Пред два дена бугарскиот премиер Кирил Петков рече дека се надева дека Македонија ќе назначи амбасадор во Бугарија во следните 60 дена.