
Северна Македонија стана првата европска земја што ги добила турските влечни хаубици БОРАН со калибар од 105 мм, соопшти турското Министерство за одбрана, а пренесе militarnyi.com.
„Честитки до сите што придонесоа за овој успех, кој има големо значење со оглед дека станува збор за прв извоз на нашите хаубици во Европа“, се вели во официјалното соопштение на турското министерство.
Испораката следува по договорот потпишан на 21 декември 2022 година, според кој Северна Македонија доби шест единици од овие хаубици заедно со соодветна муниција.
Хаубицата БОРАН е во употреба во турската армија од 2021 година. Таа е со калибар од 105 мм, должина на цевката од 30 калибри и вкупна тежина од 1.745 килограми (вклучувајќи го системот за управување со огнот).
Системот има дострел до 17 километри и може да се распореди за помалку од една минута. БОРАН се смета за најлесната хаубица во својата класа и може да се транспортира со хеликоптер, што ја прави особено погодна за мобилни операции.
Благодарение на интегрираниот систем за управување со огнот со GPS-навигација, БОРАН овозможува висока прецизност и ефикасност на теренот во споредба со традиционалните артилериски системи.
Претходно, Норвешка донираше значаен број камиони и теренски возила за македонската армија, а минатата година Стејт департментот на САД одобри дополнителна продажба на JLTV оклопни возила за Северна Македонија. (Мета)