Македонија и Бугарија во Брисел се согласија заеднички да продолжат со изградбата на пругата од Коридорот 8
Како што соопшти вечерва еврокомесарот Герт Јан Коопман, од Директоратот за соседство и преговори за проширување, на состанокот во Европската комисија, партнерите, Бугарија и Северна Македонија ја потврдиле посветеноста за продолжување на изградбата на железничкиот коридор VIII.
Дали Брисел најде решение за фамозниот тунел од железничкиот Коридор 8 на границата меѓу Македонија и Бугарија, кој „завршува во слепа улица“, и барем официјално беше една од причините за прекин на постапката за третата делница на пругата Крива Паланка – Деве Баир од македонска страна? Како што соопшти вечерва еврокомесарот Герт Јан Коопман, од Директоратот за соседство и преговори за проширување, на состанокот во Европската комисија, партнерите, Бугарија и Северна Македонија ја потврдиле посветеноста за продолжување на изградбата на железничкиот коридор VIII.
„Одлични вести: БГ & МК ја потврдија својата посветеност за изградба на железничкиот Коридор VIII на средба на високо ниво со @EU_Commission . Поддржано со 🇪🇺#грантови од ЕУ преку @theWBIF , оваа железница од Коридорот VIII ќе ја зајакне поврзаноста во регионот!“, соопшти Коопман на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).
Во информација објавена на официјалната интернет страница на Европската унија, се вели дека „Бугарија и Северна Македонија ја потврдија својата посветеност да продолжат со изградбата на железничкиот коридор VIII според регулативата TEN-T“.
Great news: 🇧🇬 & 🇲🇰 reconfirmed their commitment to building Railway Corridor VIII in a high-level meeting with the @EU_Commission.
Supported with 🇪🇺#EU grants through @theWBIF, this Corridor VIII railway will boost connectivity in the region!
🔗https://t.co/FdD88BrmLi pic.twitter.com/duSz5Ixq86
— Gert Jan Koopman (@GertJanEU) October 16, 2024
„Ова беше исходот од средбата на високо ниво меѓу Бисер Минчер, бугарски заменик министер за транспорт и врски, Стефан Волкановски, државен секретар во Министерството за транспорт на Северна Македонија, Синиша Ивановски, директор за железничка инфраструктура во Северна Македонија, Комисијата на ЕУ. финансиските институции ЕИБ и ЕБОР и Секретаријатот на Транспортната заедница“, се вели во соопштението.
Како што се едодава, двете земји се согласија да одржат редовен дијалог на високо ниво и да формираат заедничка работна група за Коридорот VIII. Дополнително, соодветните министерства ќе работат на изнаоѓање координирано техничко решение за изградба на прекуграничниот дел од Коридорот. Северна Македонија и Бугарија, исто така, ја поздравуваат поддршката на Координаторот на Европскиот коридор за Западен Балкан – Источен Медитеран и на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница за напредување на Коридорот VIII.
Коридорот VIII е критична железничка врска за целиот регион и ЕУ. Ќе донесе побрзо патување за стоки и патници, зголемување на мобилноста, пристап на пазарот и конкурентност на Западен Балкан. Комисијата ја поздравува повторното потврдување на посветеноста на Бугарија и Северна Македонија на Коридорот VIII, што ја покажува подготвеноста за регионална соработка од суштинско значење за иднината на двете земји, велат од Европската комисија.
Во соопштението исто така се додава дека источниот дел од Коридорот VIII ги поврзува Северна Македонија и Бугарија и е дел од Западен Балкан – европскиот коридор на Источен Медитеран и главен проект на Глобалната порта на ЕУ. Со финансиска помош од ЕУ за подготовка на проекти и инвестициско кофинансирање според Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, Северна Македонија и Албанија ги надградуваат постојните линии и ги градат алките што недостасуваат долж Коридорот.