Македонија има пад од три позиции на ФИФА ранг листата
На најново објавената ФИФА ранг листа македонската фудбалска А репрезентација падна за три места.
Моментно сме на 68 место со 1362,17 поени, веднаш зад Гана на 67 место, а пред Обединетите Арапски Емирати на 69 позиција.
Годинава избраниците на селекторот Благоја Милевски своите први официјални натпревари ќе ги има дури во септември во рамките од Лигата на нации против Фарски Острови и Ерменија.
Претходно нашите најдобри фудбалери ќе одиграат четири пријателски мечеви, во Анталија на 21 март ќе тестираат против Молдавија, а четири дена подоцна и против Црна Гора. На 3 јуни е закажана контролна средба против Хрватска во Риека, а на 10 јуни пријателска ќе играме против Чешка во Прага.
Нема промени во првата „десетка“ на ФИФА листата, на врвот е Аргентина со 1855,2 поени, пред Франција (1845,44) и Англија (1800,05).
Редоследно од четвртото до 10 место следуваат Белгија, Бразил, Холандија, Португалија, Шпанија, Италија и Хрватска.