Машката македонска ракометна репрезентација денеска беше поразена на стартот на Европското првенство, подобри од избраниците на Кире Лазаров во Дебрецин беа Словенците со 27:25 (13:10).
Лазаров кој поради повреда на овој шампионат ќе биде само во улога на селектор, имаше неславно деби на едно големо натпреварување.
„Црвено–жолтите“ во првиот дел по водство на противникот со 7-4 успеаја да заиграат поодговорно, и благодарение пред се на одличниот голман Томовски стигнаа до израмнување, 8-8.
Сепак брзоплетоста и грешките во нападот на Кузмановски и другарите Словенците предводени од искусните Скубе, Доленец, Мачковшек, Благотиншек знаеја како да ги казнат па на одмор се отиде со резултат 13-10 за „змејчеките“.
Во вториот дел во 39. минута на семафорот стоеше само 19:18, а подоцна во мечот (53 минута) и 23-22 за Словенија.
Сепак, иако македонските ракометари со сите сили се обидуваа да направат пресврт, не успеаја да излезат на крај со поискусните соперници кои на голот го имаа денеска одличниот Безник. На крајот конечни 27-25 за Словенците.
Кај македонската селекција Цветан Кузмановски беше најефикасен со осум погодоци, а голманот Мартин Томовски запиша 14 одбрани на голот.
Кај Словенија прв стрелец беше капитенот Јуре Доленц со 5 погодоци.
Во сабота од 18 часот Македонија го игра вториот меч на шампионатот – противник Црна Гора.