Македонија е заедничка држава, да се обединиме во борбата против корупцијата – дел од пораките за Денот на албанската азбука

Пораки за обединување на граѓаните од сите етнички заедници упати лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

Тој беше еден од говорниците на централната манифестација што ја организира првиот вицепремиер и министер за политички системи и односи меѓу заедниците Артан Груби, а на која се обратија и премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери.

Годинава се одбележуваат 114 години од Битолскиот конгрес на кој се стандардизирала албанската азбука, за што Ахмети порача дека неговото одбележување ќе послужи да се испрати јасна порака да се изгради подобра иднина за сите. Овој настан, наведе лидерот на ДУИ, е одржан во град каде што има Македонци, Власи и други и сите го имаат поддржано. Пет години пред Битолскиот конгрес била и Крушевската Република, па затоа, вели Ахмети, двата историски настани се поддржани од различните народи во нашата држава.

Тогаш и Македонците и Албанците заеднички се бореле, па оттука тој повика на борба и денес, но против корупцијата.

„И Македонците и Албанците направиле заеднички напори за да го отстранат истиот режим, истата неправедна идеологија. Затоа денес Македонија е заедничка држава, заедно Македонија да ја направиме Европа исто како што е членка на НАТО, сите да застанеме заедно, политички партии, политичари, медиуми за да промовираме вредности и да станеме членка на ЕУ. Имаме заедничка цел да застанеме заедно во борбата против криминалот и корупцијата и соединети во иста цел за еден сеопфатен ветинг, како во законодавната така и во извршната и судската власт“, рече Ахмети во изјавата пред медиумите на централната церемонија.