Македонија е во црвената зона на светската мапа по број на случаи на мозочен удар

И покрај тоа што Македонија нема точен број на лица кои доживеале мозочен удар, сепак сме во црвената зона на светската мапа по бројот на случаи. Од Здружението за неврологија велат дека загрижува фактот што се поместува и старосната граница под 65 години или во одредени случаи има и пациенти на многу млада возраст.

Дел од граѓаните кои денеска вршеа бесплатни контроли на градскиот плоштад добија совети за подетални контроли. Во меѓувреме, оние со дијабетес се пожалија на недостиг на лекови.

„Овде притисокот ми беше многу висок, дома многу низок. Не знам што да правам, кој апарат не чини. Притисокот ми беше 160, а шеќерот 8,3. Некој вели земи дијазепам, друг доктор вели да не земам дијазепам, мора да ги направиме сите контроли…“

„Треба да биде поорганизирано, не во центарот, да биде малку интимно. Имам дијабетес. Оземпик нема, веднаш се здебелив 10 килограми и тоа навистина покажува дека не ми е добро. Му реков и на министерот дека нема игли, ленти, апарати, мора да имаме сè“, реагираат граѓаните.

„Најчести фактори на ризик се хипертензија, високи вредности на масти во крвта, дијабетес, пушење и консумирање алкохол, несоодветна исхрана и намалена физичка активност“, рече Фатмир Меџити, министер за здравство.

Според светската статистика, 68 милиони луѓе во светот моментно имаат последици од мозочен удар, а во меѓувреме биле регистрирани и уште 12 милиони нови.