Македонија е во консултации со НАТО по веста дека ракета падна во Полска

Во првичните реакции на премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи, Македонија изрази загриженост поради веста дека вчера ракета паднала во село во Полска на само 6 километри од границата со Украина при што загинале две лица.

Според првичните разузнавачки извори од САД, ракетата била истрелана од Русија, НАТО ќе го испитува дали се работи за руска ракета, што би претставувало напад врз НАТО. Русија демантира каква било поврзаност, а американскиот претседател Џо Бајден изјави дека веројанто не е руска ракетата.

Премиерот Димитар Ковачевски синоќа изрази сочувство за жртвите.

„Сочувство до премиерот Моравјецки за загубите на животи во експлозијата близу до украинската граница. Ова е време да бидеме уште поодлучни во нашата основна задача – да ја зачуваме територијата на НАТО безбедна и сигурна. Работиме со сојузниците на собирањето на сите факти за овој трагичен настан”, напиша Ковачевски на Твитер.

И министерот Бујар Османи објави дека Македонија е во консулатација со НАТО и изрази сочувство до полскиот народ

„Во консултации сме со сојузниците на НАТО и внимателно ја следиме ситуацијата”, напиша Османи.

Инаку, американскиот претседател Бајден изјави дека веројантно ракетата не е истрелана од руските сили.

„Не сакам ништо дефинитивно да кажам, додека не се изврши целосна истрага. Но, поради траекторијата на проектилите, малку е веројатно дека се истрелани од Русија. Но ќе видиме што ќе донесе истрагата. Иако првите информации ја поврзуваа Русија со ова, прелиминарните истражувања го оспоруваат тоа“, истакна Бајден во обраќањето во живо на Си-Ен-Ен.