Македонија денеска против Франција го отвора новото ракометно Европско првенство

Ракометната репрезентација на Македонија денес го отвора 16. Европско првенство во машка конкуренција.

Прв противник на Македонија е моќната Франција против која играме од 18:00 часот, а овој натпревар е посебен затоа што ќе се игра на стадионот во Дизелдорф „Меркур Шпил-Арена“ кој во овој момент е претворен во ракометна арена.

„Минуваме низ смена на генерација и овојпат имаме многу нови играчи со нас. Тие треба да научат како е да се игра на највисоко ниво, иако некои од нив играат во Лигата на шампионите на ЕХФ веќе неколку години. Ова е шанса да играат вакво натпреварување, а ние веќе сме среќни што се квалификувавме“, најави пред овој натпревар селекторот Лазаров.

На овој натпревар ќе биде поставен рекорд по бројот на посетеност бидејќи ќе го гледаат повеќе од 53.000 гледачи, исто како и во следниот натпревар кој домаќинот Германија ќе го игра против Швајцарија.

На официјалната страна на Европското првенство објавено е и видео на кое може да се види како течело градењето на ракометниот терен на стадионот.

Македонија по првиот натпревар во Дизелдорф се сели во Берлин каде што ќе ги одигра преостанатите две средби од групата против Германија и Швајцарија.