
Македонија годинава со најнизок раст на БДП во регионот, предвидува Светска банка
Неодамнешното зголемување на царинските трошоци и на несигурноста, иако имаат мало директно влијание, сепак индиректно ќе влијаат врз економијата преку повеќе канали, наведува Светска банка.
Растот во Северна Македонија во 2025 година се очекува да достигне 2,6 проценти, најниско во однос на растот на БДП во другите земји од Западен Балкан, покажува Редовниот економски извештај за Западен Балкан на објавен денес од страна на Светска Банка. Изгледите за раст на БДП во Македонија во наредните две години се слични, 2,7 отсто за 2026 и 2,8 отсто за 2027 година, што исто така е најниско во однос на другите земји од регионот, за кои Светска банка предвидува повисоки стапки на раст. Мала светла тоочка е што за годинава за македонија е направена мала позитивна корекција во однос на претходниот извештај, од 0,1 отсто, додека кај другите земји од Западен Балкан, корекциите за растот се надолни.
Како што се наведува во резимето за напшата земја во Извештајот, ваквата прогноза за растот се должи на повисоките расходи за јавни инвестициски проекти кои се амортизирани со забавувањето на потрошувачката и извозот.
„Неодамнешното зголемување на царинските трошоци и на несигурноста, иако имаат мало директно влијание, сепак индиректно ќе влијаат врз економијата преку повеќе канали“, наведува Светска банка.
Исто така ниската продуктивност, неефикасната распределба на капиталот, слабата надворешна побарувачка и потрошувачката притисната од инфлацијата и понатаму ги ограничуваат долгорочните проекции.
Во Извештајот се нотира и дека во 2024 година главен двигател на растот во Македонија беа јавните инвестиции и потрошувачката. Стапката на невработеност се намали на 12,4 отсто, главно кај лицата со основно и средно образование.
Светска банка посочува дека фискалната одржливост и понатаму претставува предизвик со фискален дефицит што од 2021 година се одржува на 5 отсто од БДП.
„Неопходно е консолидирање на фискалните политики пред големите исплати на Еврообврзницата што доспеваат во 2026–2028 година. Среднорочните изгледи се позитивни, но има сè поголеми ризици“, се вели во Извештајот.
Основната инфлација се проектира да остане над долгорочниот просек до 2026 година, а потоа би требало да се намали до целните 2 проценти.
Според Светска банка, изгледите за раст во земјава се тесно поврзани со забрзувањето на пристапните преговори со ЕУ и со посилните реформски напори за поддршка на структурната трансформација на економијата.
„Напредувањето во планот за реформи за ЕУ, вклучувајќи ги целите за зелена транзиција, е критично за поттикнување на одржливиот раст на среден до долг рок“, изјави Масимилијано Паолучи директор на канцеларијата на Светска банка во Северна Македонија и Косово.
Со поддршка на позитивните изгледи за растот, стапката на сиромаштија според мерката од 6,85 УСД се проектира до 2027 година да се намали за уште 1,4 проценти поени, но импликациите на зголемените царински трошоци врз пазарот на труд и врз сиромаштијата и понатаму се несигурни на кус рок, а за да се одржи намалувањето на сиромаштијата на среден и долг рок потребно е подобрување на учеството на пазарот на трудот на младите и на лицата со пониско ниво на образование, наведува Светска банка во Извештајот посветен на Македонија.
Во однос на оцената за целиот регион, од Светска банка велат дека економскиот раст во Западен Балкан се проектира малку да забави во 2025 година како последица на послабата надворешна побарувачка и економската несигурност која произлегува од менувањето на глобалните трговски политики што би можело негативно да влијае врз бизнисите и довербата на потрошувачите.
Светска Банка предвидува дека комбинираниот економски раст на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија ќе достигне 3,2% во 2025 година, што е за 0,5 процентни поени под претходните проекции. Растот се предвидува да забрза до 3,5% во 2026 година.
„Забележуваме одредени позитивни економски трендови во Западен Балкан кои ја потенцираат отпорноста на регионот и треба да го поткрепат цврстиот економски раст. Пониската инфлација и растот на платите ја поддржуваат потрошувачката, јавните инвестиции почнуваат да се зголемуваат,“ вели Шиаочинг Ју, директорка на Светска банка за регионот на Западен Балкан. „Од друга страна, сведоци сме на зголемена домашна несигурност во неколку економии во Западен Балкан. Побавната економска активност во Европската унија и зголемената глобална трговска несигурност би можеле негативно да влијаат врз изгледите за раст во регионот.“
Глобалната трговска несигурност веројатно негативно ќе влијае врз Западен Балкан како резултат на забавувањето на економската активност во еврозоната. Ваквото забавување би можело да ја намали трговијата со стоки и услуги, како и инвестициите и дознаките.
Во извештајот се наведува дека за време на овие периоди на несигурност, диверзификацијата на изворите на раст и обновата на агендата на структурни реформи се најделотворните стратегии за одржување на економската отпорност. Клучните мерки вклучуваат отстранување на пречките на пазарот на трудот – вклучувајќи ги и оние кои негативно влијаат врз жените – подобрување на регионалната економска интеграција, подобрување на стандардите за управување, како и зголемување на пазарната конкуренција за поттикнување на продуктивноста и поддршка на долгорочниот раст.
Освен тоа, за земјите на Западен Балкан, побрзото спроведување на реформите за пристапување во ЕУ – како што се приклучувањето во Единственото подрачје за плаќање во евра (СЕПА) и воведувањето на „зелени ленти“ за рационализирање на прекуграничната трговија – би можело дополнително да ја подобрат довербата на бизнисите, да привлечат инвестиции и да го поттикнат создавањето на работни места.
Во извештајот исто така се нагласува како зголемувањето на температурите и екстремните временски прилики, заедно со преодот кон економија со ниско ниво на јаглерод ги преобразуваат секторските вработувања во регионот, што пак бара значително прилагодување на работната сила. Шесте земји на Западен Балкан треба да дадат приоритет на реформирањето на своите системи за социјална заштита и услугите за вработување. Ова ќе ѝ помогне на работната сила во секоја од овие земји да се справи со негативните временски прилики како што се поплавите, сушите и шумските пожари и да биде подготвена за нови можности за вработување чии главен двигател е зелената транзиција.
Зајакнувањето на системите за заштита на приходите на трудот да одговорат на потресите на вработувањето и подобрувањето на флексибилноста на системите за социјална заштита би можело да помогне во спречување на луѓето да западнат во сиромаштија. Освен тоа, преквалификацијата на работниците за зелени работни места би помогнала да се одговори на еволуирањето на побарувачката за вештини, промовирање на продуктивноста и растот.