Македонија водечка на Балканот според висината на инфлацијата

Инфлацијата расте скоро насекаде во 2022 година. Геополитичките тензии предизвикуваат високи енергетски трошоци, додека прекините од страната на понудата исто така ги нарушуваат потрошувачките цени.

Крајниот резултат е дека речиси половина од земјите во светот имаат двоцифрена или повисока стапка на инфлација. Користејќи податоци од Trading Economics, сајтот Visual Capitalist, изработи мапа на светските држави според нивните стапки на инфлација.

На глобално ниво, Зимбабве, Либан и Венецуела имаат највисоки стапки во светот.

На самиот врв на табелата се наоѓа африканската држава Зимбабве, чија стапка на инфлација во октомври изнесуваше фантастични 269 проценти на годишно ниво. Веднаш по неа е Либан со 162%, па Венецуела со 156-процентна инфлација , додека листата на топ петте држави со највисока, троцифрена инфлација ја заокружуваат Сирија со 139% и Судан со 103. Во првите 10 држави, на седмо место со највисока инфлација се наоѓа и Турција, со 85,5%, значително повисоко од, на пример, Украина, во која во моментов беснее разорна војна, каде во октомври била измерена инфлација од 26,6%.

Македонија е на 39-то место според висина на инфлацијата, со 18,8% на годишно ниво, според податоците од октомври, при што води во однос на соседните балкански држави.
Помала инфлација од Македонија има Бугарија – 17,6, Босна и Херцеговина, 17,3%, Црна Гора со 16,8%, Србија 15%, Хрватска 13,2, Косово 12,7% инфлација. Словенија се наоѓа при дното на табелата, меѓу земјите со едноцифрена инфлација, со 9,9% инфлација на годишно ниво. Инфлацијата во Грција, според табелата изнесува 9,1%, додека во Албанија е 8,3%.

Од развиените држави, Кина со најниска инфлација од само 2,1% е на дното на табелата, додека САД се на 112-то место со инфлација од 7,7%. Инфлацијата во Русија изнесува 12,6 проценти.