Македонија бира претседател

Македонските граѓани бираат шеф на државата кој треба да ја води земјата во наредните пет години.

Во изборната трка се вклучија седум кандидати, а за нив ќе гласаат 1.814.317 граѓани.

За да се избере претседател денеска потребно е за него поддршка да дадат повеќе од половина од гласачите запишани во единствениот гласачки список или 907.159 гласачи.

Доколку никој не добие ваква поддршка ќе се организира втор круг кој се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, а во кој влегуваат двајцата кандидати со најголем број гласови добиени во првиот круг. Вториот круг ќе се одржи на 8ми мај и тој ќе се поклопи заедно со парламентарните избори.

Во вториот круг од гласањето за претседател ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 725.727 гласачи, што е предвидено во Изборниот законик, а за него гласале 362.864 избирачи.

Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услови, целата изборна постапка се повторува.

На гласачките места кои се отворија утрово во 7 часот, граѓаните ќе можат да го дадат својот глас за еден од седумтемина кандидати за Претседател на државата, што е најголем број на кандидати во историјата на претседателските избори.

Ќе можат да гласаат и граѓаните кои не успеаја да ги сменат личните документи со името Северна Македонија, согласно Преспанскиот договор. Бидејќи државата не успеа навреме да го организира процесот на замена на документите на сите државјани, Собранието донесе закон со кој се дозволи гласање на овие избори со стари лични документи.

Вчера своето право на глас го остварија болните и изнемоштени лица, затворениците, лицата во старските домови.

Претседателските избори беа распишани на 14 февруари. Во согласност со податоците од ДИК, 7 од вкупно 15 кандидати ги собраа неопходните 10 000 потписи за учество на претседателските избори.

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

Овие избори ќе ги следат повеќе странски од домашни набљудувачи.

За акредитации се пријавиле 859 набљудувачи од кои 342 домашни, а 517 странски.