Македонија бира претседател и нов парламентарен состав

Во Македонија денеска се одржуваат седми претседателски и 11. парламентарни избори.

Во трката за шеф на државата гласачите бираат меѓу двајца кандидати. За да бидат успешни изборите потребно е еден од нив да освои мнозинство гласови од граѓаните што излегле да гласаат, но под услов излезност да е најмалку 40 отсто од запишаните во Избирачкиот список. Право на глас имаат над 1,8 милиони граѓани.

За новиот парламентарен состав ќе се борат кандидати од 17 партии и коалиции.

Новиот состав на Собранието ќе треба да ја избере идната влада.

За парламентарни избори, С. Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што, според таканаречениот Донтов модел, се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие.

Повеќето од партиите и коалициите за овие избори имаат кандидатски листи во сите шест изборни единици.

Денеска се гласа на над 3.400 избирачки места.

Шеф на државата со непосредно гласање се избира по седми пат, додека парламентарните избори се 11-ти по ред.

Изборите ќе ги следат 1.078 домашни и 770 странски набљудувачи.