Македонија барала од ЕУ да увезе отпад

Од земјите од регионот, коишто не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), заинтересирани за увоз на неопасен отпад од ЕУ се само Србија и Босна и Херцеговина.

Македонија е меѓу 24 земји што  ја информирале Европската комисија (ЕК) дека сакаат да прифатат отпадни материјали, објави Дојче веле. Од земјите од регионот, коишто не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), заинтересирани за увоз на неопасен отпад од ЕУ се само Србија и Босна и Херцеговина.

Македонија бара да увезува осумнаесет типови отпад, деклариран на листата на неопасен отпад од земји од Европската Унија (ЕУ). Станува збор за метали и отпад од обоени и необоени метали, калај, железо, цинк, челик, олово, алуминиум, како и маст и масло за јадење, хартија и картони и стакло.

Целосната листа неодамна ја објави Министерството за животна средина, и рече дека таа ќе биде доставена до Европската комисија. Во следната фаза, Европската комисија е таа којашто ќе треба да одлучи дали земјата има капацитет да управува со овој отпад на еколошки здрав начин согласно правилата на ЕУ законодавството. Од тоа зависи дали земјата ќе се најде на листата на земји кои ќе можат да вршат увоз на отпад од ЕУ.

Течат последните рокови за исполнување на оваа обврска, којашто е наметната со новите регулативи на Европската Унија за увоз, извоз и транзит на отпад, кои се на сила од 2024, а ќе почнат да се применуваат од 2027 година. Со нив, ЕУ воведува построги правила за извоз извоз и транзит на неопасен отпад. Извозот на неопасен отпад од „зелена листа“, генерално ќе биде забранет во земјите кои не се членки на ОЕЦД. Исклучок од ова правило би биле земјите кои имаат капацитети што ги исполнуваат условите за заштита на животната средина за преработка на овој отпад.

Според новата регулатива, од ноември 2026 до мај 2029 ќе има целосна забрана и за извоз на отпад од пластика, вклучувајќи го и неопасниот отпад од пластика. По завршување на овој период, Македонија и земјите кои не се членки на ОЕЦД заинтересирани за увоз на отпад од пластика, ќе треба да го докажат својот капацитет да управуваат со таков отпад на еколошки здрав начин, за да бидат вклучени во листата во кои овој отпад ќе може да се извезува од ЕУ.