Македонецот Ивица Јанев стана европски бодибилдинг шампион

Ивица Јанев, реномираниот бодибилдер од Македонија стана европски шампион во бодибилдинг класик физик златна ера на бодибилдинг.

Претходно ден пред тоа го прогласија за вицешампион освојувајќи сребро во бодибилдинг класик на Европското првенство кое се одржува во Санта Сузана, Шпанија.

Во првата категорија чиј натпревар се одржа вчера, 6-ти мај, Ивица го освои златото од вкупно 940 натпреварувачи, додека пак среброто на натпреварот кој се одржа на 4-ти мај го освои во конкуренција од 260 натпреварувачи. Вкупната бројка на пријавени натпреварувачи на Европското првенство надминува 2000.

„Прекрасен момент и искуство за мене како личност, спортист, татко, маж, нутриционист и ментор на многумина на кој му го менувам животот на подобро и поквалитетно, поздраво живеење! Успех на кој сум горд јас како индивидуа за постигнатото и се надевам и сите Вие кои ме подржувате сте горди и не ве разочарав, туку ве мотивирав да се борите во животот лавовски“ – вели Ивица Јанев.

Исто така на Балканското првенство во бодибилдинг и фитнес што се одржа во Скопје од 21-ви до 23-ти април, Ивица беше прогласен за Балкански шампион во Бодибилдинг класик физик, од страна на Меѓународната федерација за Бодибилдинг и Фитнес (IFBB), потврдувајќи ја својата позиција за еден од најдобрите бодибилдери на Балканот.

Ивица втор месец е во победничка еуфорија, откако неодамна го освои и Дијамантскиот куп во српски Чачак и Трофеј на Чачак, каде што беше прогласен за двократен Апсолутен шампион, организиран од најпрестижната федерација за бодибилдинг и фитнес во светот IFBB. Ивица има освоено 6 злата и 2 титули Апсолутен Победник и една Про карта од 2 меѓународни натпревари одржани во Србија.