Мазнев: Затварањето на здружението нема да предизвика проблеми со функционирањето на клубот

Организацијата која што го отвори македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград била во ликвидација, затоа што неговите цели биле спротивни на бугарскиот устав. Процесот бил започнат од бугарското обвинителство, кратко по нејзиното основање во 2019 година, а првостепената пресуда за затварање била донесена во 2020 година.

По тврдењата во бугарските медиуми дека клубот воопшто не смеел да се отвори, затоа што бил отворен од страна на нелегитимна организација, Атанас Мазнев, еден од основачите на Организацијата за индивидуални и човекови права, тврди дека клубот „Никола Вапцаров“ ќе продолжи да функционира, затоа што нема никаква врска со организацијата.

Претходно, градоначалникот на Благоевград Илко Стојанов коментираше дека македонскиот клуб е нелегитимен бидејќи не е во согласност со Законот за организации на територијата на Бугарија и додаде дека тој повеќе е канцеларија во која се собираат луѓе на приватна основа. Мазнев вели дека во суштина, неговата констатација е точна.

Мазнев најави дека тие веќе започнале процедура за формирање на ново здружение во Благоевград.