Директорката на „Комунална хигиена“ – Скопје, Косана Мазнева во разговор за „Макфакс“ вели дека нема да подлегне на притисоци.
– Не подлегнувам на притисоци и секој што ќе работи во спротивност на законот односно нема да ги врши своите работни задачи или ќе го опструира или на било кој начин ќе го попречи вршењето на работниот процес ќе сноси санкции: од поведување на дисциплинска одговорност, до отказно решение или поведување на кривична постапка, вели Мазнева.
Сето ова како што рече Мазнева ќе се случи независно од која страна доаѓа притисокот.
– Значи дали се работи за притисоци кои што доаѓаат од кујните на партиските штабови, дали од некои видни личности, дали од некои тесно фамилијарно поврзани кругови. Јас на притисоци немам намера да подлегнам. Не подлегнав ниту во изминатиот период иако беше многу тешко. Сега вработените се слободни, претпријатието е слободно, процесите си течат непречено, градот е веќе исчистен, остануваат уште некои локации во текот на денешниот ден да ги завршиме, истакна Мазнева.
Според неа во јавното претпријатие „Комунална хигиена“ има вкупно 1.300 вработени и најголемиот дел од нив како што посочи во разговорот, се чесни, посветени, вредни луѓе, кои со труд си го заработуваат своето парче леб.
– За жал во претпријатието исто така до скоро работеше, односно не работеше една мала група на луѓе кои што вршеа насилие врз работењето на целото јавно претпријатие, вели директорката на „Комунална Хигиена“.
На прашањето уште колкумина се на нејзината листа за бркање од работа по штрајкот во претпријатието, Мазнева истакна:
– Ако мислите на вакво насилие на кое беше изложено претпријатието се разбира дека ќе поведам кривична постапка за сносење на кривична одговорност како што го направив и со лицата за кои претходно зборувавме. Не можам да разберам зошто како медиуми никој не ја кажува вистината. Зошто не кажете дека овде не се работеше за штрајк. Штрајк е законско право на секој еден вработен којшто е со закон и дозволен и регулиран. Ова беше класично силување на државна институција. Како може некој да се дрзне да не доаѓа на работа со години да опструира еден цел работен процес, зашто му текнало дека триесет години е постојано во трета смена и тие замислиле дека во трета смена можат цел живот да работат. Третата смена да ја предадат на нивните синови, на нивните деца, на нивните внуци, фамилијарно. По што е таа трета смена толку многу интересна за да бидат фамилијарно поврзани кланови да имаат привилегија да бидат 30-40 години само трета смена. Зошто органите на прогонот исто така не се запрашаат што е толку интересно во трета смена. Дали се работи само за 35% кои што се добиваат како награда за ноќен труд или има и нешто друго, прашува Мазнева.