Интерпол бара маж наводно поврзан за експлозијата во Истанбул кој побегнал во Бугарија, јавија грчките медиуми, цитирани од бТВ.
Според извори од грчката полиција, турските власти преку Интерпол испратиле сигнал дека лице кое се смета за осомничено побегнало во Бугарија.
Меѓународната организација упати предупредување до соседните земји на Турција во врска со осомничениот за смртоносната експлозија во Истанбул, во која загинаа осум лица, а 81 беа повредени.
Тие испратија фотографии и податоци од идентитетот на осомничениот за да можат соседните земји, вклучително и Грција, да бидат информирани и уапсени доколку ја премине границата.
Од увидот извршен во Грција не се пронајдени докази дека осомничениот поминал низ таа земја, додека, како што изгледа, бараното лице моментално се наоѓа во Бугарија, посочуваат грчките изданија.
Еден ден претходно, полицијата во Истанбул соопшти дека привела 46 лица во врска со нападот, меѓу кои и Сиријка идентификувана како Ахлам Албашир, за која се верува дека ја поставила експлозивната направа.
За време на првичното испрашување, жената рече дека била обучена од курдски борци во Сирија и дека влегла во Турција од регионот Африн во северозападна Сирија, соопшти полицијата.
Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу вчера го отфрли сочувството од САД за нападот и рече дека пораката за сочувство од Белата куќа наликува на „убиец кој прв оди на местото на злосторството“.