„Лукоил“ ги продава своите имоти во странство по санкциите на САД

Руската компанија „Лукоил“ работи и во Македонија под името „Лукоил Македонија“, нејзината основна дејност е продажба на нафтени деривати. Кога беа објавени санкциите многумина си го поставуваа прашањето дали и „Лукоил“ во Македонија можеби потпаѓа по санкции.

Рускиот нафтен гигант „Лукоил“ објави доцна во понеделникот дека почнува да ги продава своите средства во странство. Одлуката на компанијата доаѓа една недела откако САД ги санкционираа најголемите руски компании „Лукоил“ и „Роснефт“ и нивните подружници.

„Лукоил“ објави дека поради воведувањето рестриктивни мерки против компанијата и нејзините подружници од страна на некои земји, компанијата ја објавува својата намера да ги продаде своите меѓународни средства, според официјалното соопштение објавено на веб-страницата на компанијата.

Во него се наведува дека веќе започнала да разгледува понуди од потенцијални купувачи.

Во соопштението на компанијата се вели:

„’Лукоил’ информира дека поради воведувањето рестриктивни мерки против компанијата и нејзините подружници од страна на некои држави, компанијата ја објавува својата намера да ги продаде своите меѓународни средства. Започнато е разгледување на понудите од потенцијални купувачи.

Продажбата на средствата се спроведува според лиценцата за намалување на капиталот од страна на ОФАЦ. Доколку е потребно, компанијата планира да поднесе барање за продолжување на лиценцата за да обезбеди непречено работење на своите меѓународни средства“.

Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ), во рамките на Министерството за финансии на САД, минатиот четврток воведе санкции врз руските компании „Роснефт“ и „Лукоил“.

Како причина, ОФАЦ наведе дека „Русија не покажува сериозна посветеност на мировен процес што би ја завршил војната во Украина“.

Руската компанија „Лукоил“ работи и во Македонија под името „Лукоил Македонија“, нејзината основна дејност е продажба на нафтени деривати. Кога беа објавени санкциите многумина си го поставуваа прашањето дали и „Лукоил“ во Македонија можеби потпаѓа по санкции.

Министерството за финансии на САД наведе список на сите подружници на „Роснефт“ и „Лукоил“ што потпаѓаат под санкции, а компанијата „Лукоил Македонија“ не е спомената на таа листа. Всушност, не е спомената ниту една подружница на „Лукоил“ во регионот (туку само во Русија). Но имаше одредена загриженост во двата соседи кои имаат силни подружнисици – во Бугарија и Србија. Таа загриженост сега оди на дополнително ниво.

Министерството за финансии на САД дополнително истакнува во одлуката дека „сите фирми во кои ‘Роснефт’ и ‘Лукоил’ имаат 50 проценти или повеќе сопственост, директно или индиректно, автоматски се блокирани според Извршната наредба 14024, дури и ако не се индивидуално наведени од OFAC“.

И во Македонија и во Србија и во Бугарија „Лукоил“ засега работи нормално, нема никакви ограничувања.

На официјалната веб-станица на компанијата во нашата држава стои дека „Лукоил“ во Македонија е претставена со друштвото-ќерка „Лукоил Македонија“, кое е дел од Балканска меѓурегионална група на компании и врши продажба на големо и мало на нафтени деривати. Во моментов „Лукоил“ во Македонија работи со мрежа од 40 бензински станици и еден нафтен склад. Што ќе се случува со „Лукоил“ во Македонија, со нејзините средства и дали таа ќе биде понудена на купувачи сега е прилично неизвесно. Ако компанијата се продаде прашање е за сигурноста на работните места на вработените.

Надлежните во Македонија смируваат дека нема да има проблеми со снабдувањето со нафтени деривати, бидејќи над 80 отсто бензинските пумпи се снабдуваат со бензин и дизел од Грција. Но прашањето за судбината на компанија и вработените може да стане многу болно.

Во Бугарија ситуацијата е покомплицирана поради рафинеријата во Бургас. Таму централната банка веднаш реагираше. Бугарската национална банка објави дека ги разгледува и анализира потенцијалните последици за банкарскиот систем на земјата од спроведувањето на санкциите што ги воведоа САД против руските нафтени компании „Роснефт“ и „Лукоил“, кои се сопственици на рафинеријата „Нефтохим“ во Бургас.

Покрај рафинеријата во Бургас, која е најголема на Балканот, „Лукоил“ има и мрежа од 200 бензински пумпи, како и магацини и инфраструктура.

Преземено од Независен