Лукашенко: Третина од белоруската армија на границата со Украина

Белорускиот претседател Александар Лукашенко изјави дека речиси една третина од армијата на земјата е испратена на границата со Украина, а Киев, од другата страна на границата, распоредил повеќе од 120.000 свои војници.

Тој не прецизираше колку белоруски војници се стационирани на границата.

– Имајќи ја предвид нивната агресивна политика, ние ја распоредивме нашата војска долж целата граница на одредени точки, во случај на војна – рече Лукашенко во интервју за руската државна телевизија.

Според него, белоруско-украинската граница е „минирана како никогаш досега“. Тој исто така тврди дека украинската армија ќе претрпи огромни загуби доколку се обиде да ја помине.

Зборувајќи за украинскиот упад во руската област Курск, белорускиот претседател рече дека Русија по секоја цена ќе го врати тој регион и дека ескалацијата на конфликтот може да доведе до уништување на Украина како држава.

На 6 август, украинската армија ја нападна областа Курск, заземајќи, според Киев, 82 населени места и 1.150 квадратни километри за време на офанзивата што ја изненади Москва и нејзината армија, преместувајќи ја војната на руска територија за прв пат.