Лукашенко: Има нуклеарно оружје за сите што ќе се приклучат на алијансата на Минск и Москва

Белорускиот претседател Александар Лукашенко синоќа изјави дека „има нуклеарно оружје“ за сите земји кои би сакале да се приклучат на унијата на Русија и Белорусија.

Русија минатата недела продолжи со тактички план за распоредување нуклеарно оружје во Белорусија, прво распоредување нуклеарни боеви глави надвор од Русија по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година, што предизвика загриженост на Западот, објави Ројтерс.

Во интервју емитувано доцна синоќа на руската државна телевизија, Лукашенко, најсигурниот сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, рече дека мора да се разбере дека Минск и Москва имаат единствена можност да се обединат.

„Но, никој не е против Казахстан и другите земји да имаат исти блиски односи што ги имаме со Руската Федерација. Ако некој е загрижен, работата е многу едноставна: приклучи се на сојузот на државите Белорусија и Русија. Тоа е се. Ќе има нуклеарно оружје за сите“, рече Лукашенко, додавајќи дека тоа е негов став, а не на Русија.