Лукаревска: Сметаме дека нема економски бенефит од заемот од Унгарија
Нашата заложба беше да се отвори дебата за граѓаните да ги слушнат сите аргументи за и против унгарскиот кредит, рече пратеничката на СДСМ и поранешна директорка на УЈП Сања Лукаревска во гостување на тв Телма.
– Да ја чуеме експертската јавност, да ги видиме сите овие скриени работи коишто стојат внатре во тој договор а за кои што ние всушност ја немаме комплетната слика. Овој унгарски заем слушавме уште во време кога опозиција беше ВМРО-ДПМНЕ со фанфари беше најавуван. Сметаме дека овде нема економски бенефит, напротив дека станува збор за една соодветна политичка одлука. Кои се условите, кој ќе биде контролниот механизам, условите за користење и намената се премногу општи, во нив стои финансирање на буџет, што ако дел од овие средства одат и да се пренаменат. Дали е разговарано со некои од нашите банки, дали е разговарано со Светската банка, ЕБРД, каде што таму имаме точно наведени критериуми, каде што имаме точно утврден контролен механизам за еден ваков мегаломански проект. Нормално дека одредени прашања на комисијата се разговарале, се утврдиле итн, но мора да се зборува многу поотворено бидејќи станува збор за 500 милиони евра, рече Лукаревска.
Таа ги обвини пратениците од мнозинството дека сакале целиот закон на брза лента да поминете и порача дека стилот на СДСМ не бил да блокираме.
Лукаревска посочи дека и самиот унгарски Центар за управување со државен долг потврдил дека Унгарија зела 1 милијарда евра кинески пари од Кинеската банка за обнова и развој, и дека половина од тие средства биле дадени како кредит на Македонија.
Таа потсети дека преку Планот за раст и развој на Западен Балкан на Европската комисија е предвидено државата да добие значителни средства и дека немало потреба од кредит од друга држава.